Канцеларијата за печат на Светиот Престол соопшти дека во недела, 22 октомври 2023 година, папата Фрањо и претседателот на САД, Џо Бајден, имале телефонски разговор за конфликтот меѓу Израел и Хамас и другите војни во светот.
Разговорот траел околу 20 минути и бил фокусиран на конфликтните ситуации во светот и потребата да се најдат патишта за мир.
Според соопштението од Белата куќа, американскиот претседател и Светиот Отец разговарале за потребата да се запре ескалацијата и да се најдат начини за траен и одржлив мир на Блискиот Исток.
Израел се подготвува за копнен напад врз Газа, две недели по нападот на Хамас врз Израел во кој загинаа 1.400 луѓе.
Истиот ден, по молитвата Ангел Господов, Папата им рече на собраните на плоштадот Свети Петар дека мисли „на тешката хуманитарна ситуација во Газа“ и дека е тажен „што англиканската болница и грчката православна парохија беа погодени во последните денови“.
„Војната, сите војни што се водат во светот – мислам и на напатената Украина – е пораз. Војната е секогаш пораз, тоа е уништување на човечкото братство“, предупреди тој.
Папата неколку пати повика на ослободување на заложниците како и отворање на коридор за хуманитарна помош.
Ватикан њуз/к.мк