Папата: Исусовата љубов нема мерка

Папата: Исусовата љубов нема мерка

Исусовата љубов нема мерка за разлика од световната љубов која е во потрага за моќ и суета – истакна папата Фрањо на светата Литургија на 18 мај 2017 година во домот Света Марта.

Појдовна точка на неговата проповед беше делот од денешното Евангелие според Иван: „ Како што Ме возљуби Отецот, и Јас ве возљубив вас“ (Ив 15, 9).

Господ исто така ги поттикнува своите ученици да останат „во неговата љубов.“ Како да се оствари тоа? Првенствено со чувањето на Божјите заповеди – рече Светиот Отец и продолжи – Но, не само Десетте Божји заповеди, туку да се држи „сето она на што Исус нѐ подучи, заповедите на секојдневието.“ Се работи за „христијанскиот начин на живот,“ а сржта на тој живот е „љубовта на Отецот кон Исус и Исусовата љубов кон нас“ – рече Папата.

Предупреди дека постојат и други љубови кои ни ги нуди светот: љубовта кон парите, суетата, гордоста, моќта која може да доведе до тоа да правиме неправда за да стекне уште повеќе моќ… И други љубови кои немаат никаква врска со Исусовата и љубовта на Отецот. Затоа Исус нѐ поттикнува да останеме во Неговата љубов. Другите љубови нѐ одделуваат од Неговата љубов. Постојат и други мерки за љубовта: да се љуби делумно не е вистинска љубов. Едно е кога некој ти е мил, а нешто сосема друго е кога некого љубиш – рече папата Фрањо.

Да љубиш значи нешто повеќе. За Светиот Отец тоа пред сѐ е прашање на мерка: „мерката на љубовта“ е „љубов без мерка.“ Ако ги запазиме заповедите кои Исус ни ги дал, остануваме во Исусовата љубов која е љубов на Отецот, тоа едно и исто. Исусовата љубов е без мерка и неговата љубов за разлика од некои световни љубови не е млитава, ниту во неа има примеси на интереси. Некои би можеле да прашаат: „Зошто тоа ни го зборуваш, Господи?“ На што Исус одговара: „за да остане радоста Моја во вас, и радоста ваша да биде полна.“ Исус нѐ учи на патот на љубовта: да се има отворено срце, да се љуби без мерка, а другите љубови да се остават на страна – рече Папата.

Од Бог треба да ја бараме вистинската љубов и радост – рече папата Фрањо и потоа раскажа за свештеникот кој ноедамна го именувал за епископ. Отишол кај својот стар татко за да му ја каже новоста. Тој стар, едноставен човек, кој цел живот бил работник и сега бил во пензија, никогаш не бил на студии, но поседувал животна мудрост. На својот син го советувал на две работи: „Биди послушен и подари им на луѓето радост!“

Тој човек разбрал: да се биде послушен на љубовта на Отецот, послушен на тој дар и потоа да се подари на луѓето радоста. Ние христијаните – лаици, свештеници, монаси, епископи – на љуѓето мораме да им ја подариме радоста. Христијанското послание е на луѓето да им даруваме радост – заврши Светиот Отец.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот