Папата испрати писмо до Генералниот секретар на Епископската синода
Папата Фрањо денеска го именува за бискуп заменик секретарот на Епископската синода Фабиј Фабенеа. Светиот Отец го образложи именувањето со желба да даде уште поголема сила на соборноста, која Синодата секогаш ја јакнеше и ширеше во текот на педесет години од своето постоење.
Со именувањето за бискуп на заменик секретарот на Синодата сака уште повеќе да се истакне скапоцената служба која Главниот секретаријат на Епископската синода ја извршуваше во корист на епископската соборност со Римскиот бискуп – стои во писмото на Светиот Отец до кардиналот Лоренцо Балдисериј, главниот секретар на Епископската сино да.
Во писмото папата Фрањо ја фали далековидноста на своите претходници, особено на папата Павле VI и блажениот папа Иван Павле II; првиот бидејќи ја основа Епископската синода, а вториот бидејќи го призна „големото добро кое таа го дава на Црквата“. Навистина, ширината и длабочината на целта поставена пред Синодата произлегуваат од неисцрпното таинство и хоризонтот на Божјата Црква, која е заедница и послание. Затоа мора и треба да се остваруваат сè подлабоки и повистинити облици на синодална соборност, поради подобро остварување на црковното заедништво и промовирање на неисцрпното послание на Црквата – истакна Светиот Отец.
Педесет години по основањето на Синодата, во свесноста дека за извршување на Петровата служба е потребно, како никогаш, уште повеќе да се зацврсти блиската соработка со пастирите на Црквата, сакам со воздигнувањето во бискупско достоинство на заменик секретарот на Епископската синода да го вреднувам скапоценото соборно наследство.
Нема сомнеж дека на Римскиот бискуп му е потребна присутноста на неговите собраќа бискупи, на нивниот совет, разборитост и искуство. Петровиот наследник на сите треба да им го навестува Христос, Синот на живиот Бог, меѓутоа истовремено треба да се посветува внимание на она што Светиот Дух го поттикнува преку усните на сите – кои го прифаќајќи Словото на Исус кој изјавува: „Ти си Петар…“ – со полно право учествуваат во Апостолскиот заедништво.
Папата го заврши писмото со изјавата дека е многу благодарен на сите кои со „великодушна, истрајна и стручна работа“ во текот на изминатите педесет години гарантираа Синодата да придонесе за неопходниот дијалог помеѓу Петар и неговите собраќа.
РВ/С.С.