На 24 октомври 2024 година, папата Фрањо се сретна со исповедниците во ватиканската базилика по повод годишнината од нивното служење: пред 250 години, на фрањевските конвентуалци им беше доверена службата за исповед во базиликата Свети Петар.
Обраќајќи им се на монасите, Папата истакна дека базиликата секојдневно ја посетуваат повеќе од 40.000 луѓе. Меѓу нив има и ходочесници кои доаѓаат со желба да се помолат на гробот на свети Петар, како и туристи привлечени од величествената архитектура и богатата историја на базиликата. Но, и оние што доаѓаат едноставно на екскурзија во себе носат несвесна желба за Бога.
Светиот Отец ја истакна важноста за присуството на исповедниците во оваа централна католичка црква. За ходочесниците и верниците, тие стануваат инструменти за средба со Господ во светата тајна исповед, повикани секогаш да простуваат, без исклучок.
Папата дефинираше три клучни карактеристики кои треба да ја придружуваат службата на исповедникот – понизност, внимание и милосрдие. Првото од нив се учи од простувањето на апостол Петар: само со покајнички солзи за своите гревови можел да ја пролее својата крв за Евангелието. Папата потсети дека, како и апостолот, секој исповедник го носи благодатното богатство во „глинен сад“, бидејќи неговата сила доаѓа од Бога, а не од него самиот.
Светиот Отец ја истакна важноста на вниманието, особено кога станува збор за младите и децата. Исповедникот мора да биде внимателен на секој збор на покајникот, сфаќајќи го како дар од Бога способен да доведе до негов духовен раст. Папата јасно препорача да не се претвора процесот на исповед во психотерапевтска сесија, бидејќи задачата на исповедникот не е да поставува прашања, туку да слуша љубезно и милосрдно.
Главната карактеристика на исповедникот, според Папата, е милосрдието. Свештениците треба да бидат дарежливи, светли луѓе, подготвени да го разберат и утешат секој што ќе дојде кај нив на исповед. Пример за нив може да биде апостол Петар, чии проповеди секогаш биле исполнети со дух на простување, како и свети Леополд Мандиќ, кој поучуваше дека исповедниците не треба да ги понижуваат оние кои веќе дојделе кај нив со понизно покајание.
На крајот од своето обраќање Папата им се заблагодари на ватиканските исповедници за нивната вредна и трпелива служба, истакнувајќи дека и самиот редовно прибегнува кон нивната духовна помош во базиликата Свети Петар.
Ватикан њуз/к.мк