За време на посетата на Даблин, Ирска, по повод Светската средба на семејствата, папата Фрањо во саботата на 25 август се обрати до властите, граѓанското општество и дипломатскиот кор.
Мило ми е да ја набљудувам „Светската средба на семејствата“ како пророчко сведоштво на богатото наследството на етичките и духовните вредности кои секоја генерација треба да ги чува и заштитува – рече Светиот Отец и продолжи: Не треба да се биде пророк за да се сфатат потешкотиите со кои семејствата се соочуваат во денешното општество. Доброто кое семејството го има во себе мора да се поттикнува и заштитува за да може тоа да дава на општеството.
Во семејството учиме да живееме во хармонија, да ги контролираме себичните нагони, да ги помируваме различностите, да ги разбираме и бараме оние вредности кои го даваат вистинското значење и полнотата на животот – рече папата Фрањо и продолжи: Ако зборуваме за целиот свет како за едно семејство, тоа е затоа што ги препознаваме меѓусебните врски и го чувствуваме повикот на единство и солидарност, посебно заради послабите браќа и сестри.
Многу често се чувствуваме немоќни пред трајните злосторства на расната и етничката омраза, конфликтите и насилството, презирањето на човековото достоинство и основните човекови права, и сѐ поголемиот јаз помеѓу богатите и сиромашните – рече Папата и напомена: Потребно е закрепнување на политичкиот и општествениот живот, и чувство дека сме вистинско семејство на народите. Потребна ни е надеж и храброст за да истраеме во моралниот императив да бидеме работници на мирот, помирувањето и чувари едни на други.
Овде во Ирска тој предизвик има посебен одек со оглед на долгиот конфликт кој ги подели браќата и сестрите на едно семејство – рече Светиот Отец и додаде: Пред дваесет години меѓународната заедница внимателно ги следеше настаните во Северна Ирска, кои доведоа до потпишување на „Договорот од Велики Петок“. Ирската влада заедно со граѓанските и верските лидери на Северна Ирска и британската влада со поддршка и на светските лидери, се создаде атмосфера за мирно решавање на конфликтот. Благодариме за двете децении на мир и изразуваме надеж дека мировниот процес ќе ги надмине преостанатите пречки и ќе поттикне хармонија, помирување и доверба.
Евангелието нѐ потсетува дека вистинскиот мир на крајот е дар Божји – рече папата Фрањо и предупреди: Но од нас бара постојано преобраќање, градење на солидарно и праведно општество во служба на општото добро. Без тој духовен темел, семејството станува заедничко празно место. Можеме ли да кажеме дека создавањето на економски напредок води до поправеден општествен поредок? Или наместо тоа зголемување на „материјалистичката култура на отфрлање“ која нѐ прави рамнодушни кон сиромашните и незаштитените, вклучувајќи ги неродените и лишените од правото на живот? Можеби најголемиот предизвик за нашата совест во оваа време на миграциска криза која веројатно нема да исчезне и чие решение бара мудрост, ширина на погледот и хумана загриженост која ги надминува краткорочните политички одлуки.
Свесен сум за состојбата на нашите најранливи браќа и сестри, посебно жените кои во минатото трпеле тешки ситуации – рече Папата и истакна: Имајќи ги во предвид најранливите не можам а да не ја препознаам големата соблазна која во Ирска ја предизвикаа членовите на Црквата со злоупотреба на малолетници. Неуспехот на црковните власти, епископите, верските поглавари, свештениците и други во соочувањето со тие гнасни злосторства оправдано предизвика огорчување и останува причина за страдање и срам за католичката заедница.
И самиот така чувствувам – нагласи Светиот Отец и потсети: Мојот претходник почесниот папа Бенедикт XVI не штедеше зборови опишувајќи ја тешката ситуација и барајќи да се преземат навистина евангелски мерки, праведни и делотворни како одговор на тоа предавство на довербата. Неговото искрено и одлучно заземање и понатаму им помага на црковните власти да ги поправат грешките и да усвојат строги мерки кои ќе осигурат тоа никогаш повеќе нема да не се повтори.
Секое дете е скапоцен Божји дар кое треба да се чува и поттикнува за да ги развива своите дарови и да постигне духовна и човечка зрелост – истакна папата Фрањо и напомена: Црквата во Ирска во минатото и во сегашноста го промовира доброто на децата што не може да се занемари. Се надевам дека тежината на соблазителните злоупотреби кои на виделина ги покажа недостатоците на многумина, ќе помогне на целото општество да се истакнува важноста за заштита на малолетниците и возрасните ранливи луѓе. Сите сме свесни дека итно треба на младите да им понудиме мудра придружба и здрави вредности за нивниот раст.
Речиси пред деведесет години Светиот Престол меѓу првите ја призна независноста на државата Ирска – потсети Папата и додаде: Таа иницијатива го одбележа почетокот на повеќегодишната добра соработка која ја засени само еден облак. Неодамнешните заеднички напори сепак придонесоа да се обнови односот на двострана корист.
Истакнувајќи ја христијанската корист на ирскиот народ и неговата мисионерска улога, Светиот Отец напомена дека Ирците и во најтемните моменти во верата го наоѓале изворот на храброста и ангажирањето кои се неопходни за создавање на иднина на слобода и достоинство, правда и солидарност, и на крајот заклучи: Да се молиме за Ирска додека ја слуша полифонијата на современата политичко-општествена расправа, да не ја заборави живата мелодија на христијанската порака која ја поддржувала во минатото, и може тоа да продолжи да го прави и во иднината.
Ватикан њуз/к.мк