Во катедралата „Свети Стефан“ во Мец, папата Лав XIV служеше света Литургија со која го заврши својот престој во градот на последниот ден од апостолското патување во Франција. Во својата проповед нагласи дека изборот на простувањето и милосрдието наместо одмаздата и насилството не е пат на слабост, туку пат на сила.
Последниот јавен настан на папата Лав XIV пред да се упати кон аеродромот за враќање во Рим беше светата Литургија во катедралата „Свети Стефан“ (Cathédrale Saint-Étienne) во Мец. Нејзината изградба започнала во 1120 година, а околу три века подоцна била завршена катедралата во обликот во кој ја познаваме денес.
На ова евхаристиско славење, Папата истакна дека на Господ Му ги доверува и епархиската заедница во Мец и целиот свет. Регионот Мозел, каде што се наоѓа Мец, се граничи со Луксембург и Германија и, како што објасни Светиот Отец, „отсекогаш бил раскрсница на различни народи и страдал токму поради својата положба на границата на Европа“.
Сепак, папата Лав XIV нагласи дека Божјото ветување и денес останува живо и актуелно на ова место.
Домот е повеќе од зграда
Размислувајќи за првото читање, Папата посочи на три слики што пророкот Исаија ги употребува за да го прикаже Божјото Царство во светлината на праведноста, правдата и мирот: пустината, градината и домот.
Најнапред, „во пустината, место на едноставност и тишина, се воспоставува правдата“. Оваа слика нè потсетува колку е важна едноставноста и нè повикува да го препознаеме она што навистина е суштинско во животот. Таа ни помага на материјалните работи да им ја дадеме нивната вистинска вредност и нè учи на жртва и одрекување.
Втората слика е градината, во која владее праведноста. За разлика од пустината, градината открива убавина, со вода, семиња, никулци и цветови. Тоа, рече папата Лав XIV, „е плодот на праведниот живот, кој му овозможува на човекот целосно да процвета преку слободното прифаќање на Господовите планови“.
Третата слика е домот, место на мирот. Во пустината и градината Божјото дејствување е она што носи раст и плод. Изградбата на домот, пак, бара „подиректен и позначаен придонес од човекот“. Тоа е вистински „градежен проект“, кој се остварува преку заеднички напор.
На ист начин, мирот, иако е Божји дар, бара и човечки одговор, бидејќи домот е многу повеќе од градба од камен. Тој е исполнет со човечко присуство и љубов. „Во свет обележан со ограничувања“, објасни Папата, „хармонијата може да се изгради само преку милосрдна љубов, која знае да ги споделува радостите и тагите, која знае да охрабрува и да простува, без пресметки и без граници, како во едно семејство“.
Пустините да станат оази
Денешниот свет е обележан со насилство, манипулација и ароганција на различни нивоа. Сепак, токму во таков контекст Исус ни покажува како да ги претвораме „пустините во оази, да садиме градини и да градиме домови“. Патот кон тоа е обележан со простување, милосрдие и великодушност.
Тоа не е пат на слабост. Напротив, Папата ги повика сите да се запрашаат: што носат одмаздата, возвраќањето и отфрлањето, и во светот и во секој од нас? Каква ќе биде иднината ако токму овие ставови станат основа на нашите зборови и постапки?
„Вие, кои сте деца на оваа земја, во минатото растргната од братоубиствени конфликти, добро знаете дека не е вистина оти оние што бараат одмазда се посилни од оние што простуваат“, нагласи папата Лав XIV.
Мец и Мозел сведочат дека помирувањето станува возможно само кога некој ќе го прекине синџирот на огорченоста. Пред неправдата, единствениот пат кон спасението е љубовта која се грижи за другиот и настојува да понуди доверба без оглед на околностите.
Затоа, истакна Папата, „правото, правдата и мирот се етапи на патот на преобраќањето, кој започнува како лично патување и постепено станува заеднички пат, водејќи кон цивилизација што ги почитува човекот и неговиот Создател“.
Свети Августин го опишал вистинскиот мир како заедништво во кое луѓето се радуваат во Бога и едни на други преку Бога. Тоа бара и признавање и почитување на единственото и свето достоинство и улога на секој човек.
Токму врз овие вредности Европа се градела низ вековите. Христијанското монаштво, исто така, придонело за пренесувањето на моралните начела што го обликувале општеството, меѓу кои првенството на човечката личност, заштитата на индивидуалната слобода и прифаќањето на странецот.
Во хармонијата на разликите
Катедралата „Свети Стефан“ е пример за истрајност и верност кон овие начела.
„Оваа катедрала нè учи дека Божјата светлина не ги брише нашите единствени идентитети, туку ги обединува различните истории и култури во прекрасен мозаик на мирот, толку неопходен во нашето време, повторно растргнато од поделби и конфликти“, рече папата Лав XIV.
Нејзините витражи нè повикуваат да размислиме дека иднината на Европа не се наоѓа во еднообразноста. Напротив, таа се наоѓа во „хармонијата на разликите, каде што раните од минатото стануваат отвори низ кои продира светлината“.
Ова е и слика на идентитетот на Црквата. Нејзините структури можат да помогнат светлината на Евангелието да му се донесе на светот. Папата рече дека витражите се како „книги“ што нè собираат и нè потсетуваат на прекрасни приказни исполнети со хероизам, добрина, милосрдие, љубов и морална убавина, за кои и ние сме повикани да бидеме великодушни и храбри сведоци.
Папата го заврши своето обраќање изразувајќи желба заедницата во Мец, која „денес повеќе од кога било е повикана да биде светилник на надежта за оваа земја, за Европа и за светот“, да биде доверена на застапништвото на Пресвета Богородица и на светците-заштитници на Франција.
Ватикан њуз/к.мк

