Во втората катехеза посветена на темата „Исусовиот живот. Средби“, папата Фрањо се навраќа на разговорот меѓу Христос и Самарјанката. „Исус нè чека и ни дозволува да го најдеме токму кога мислиме дека веќе нема надеж за нас“ и ни помага да го протолкуваме нашиот живот на нов начин. Сликата на жената која, знаејќи дека Месијата е пред неа, „трча да ги повика луѓето од селото“ ни дава да разбереме дека посланието доаѓа од искуството да се чувствуваме сакани.
Го објавуваме текстот за катехезата која ја подготви Светиот Отец за Генералната аудиенција за среда 26 март 2025 година
Драги браќа и сестри,
Откако размислувавме за средбата на Исус со Никодим, кој тргна да Го бара Исус, денес ќе размислиме за оние моменти во кои се чини дека Тој нè чекаше токму таму, на таа животна раскрсница. Тоа се средбите што нè изненадуваат и на почетокот можеме да бидеме малку недоверливи: се трудиме да бидеме мудри и да разбереме што се случува.
Ова веројатно било искуството и на Самарјанката, која е спомната во четвртото поглавје од Евангелието според Иван (сп. 4, 5-26). Таа не очекуваше да најде некој на бунарот напладне; уште повеќе, таа само се надеваше дека нема да има никој таму. Имено, доаѓа да наполни вода од бунарот во необично време, кога е многу топло. Можеби оваа жена се срами од својот живот, можеби се почувствувала осудена, неразбрана и затоа се изолирала, ги прекинала односите со сите.
За да стигне од Јудеја до Галилеја, Исус можел да избере некој друг пат што не поминува низ Самарија. Би било тоа уште побезбедно, со оглед на затегнатите односи меѓу Евреите и Самарјаните. Меѓутоа, Тој сака да помине токму покрај тоа место и токму во тој момент застанува на тој бунар! Исус нè чека и ни дозволува да го најдеме токму кога мислиме дека нема повеќе надеж за нас. На древниот Блиски Исток, бунарот е место за средби, каде понекогаш се договараат бракови, тоа е место за веридба. Исус сака да ѝ помогне на таа жена да разбере каде да го бара вистинскиот одговор на нејзината желба да биде сакана.
Темата на желбата е заснована за разбирање на оваа средба. Исус е првиот што ја изразил својата желба: „Дај ми да пијам! (р. 10). За да започне дијалог, Исус покажува дека е слаб, за другиот да не се чувствува непријатно, за да не се плаши. Жедта е често, дури и во Библијата, слика на желба. Но, овде Исус пред сè е жеден за спасение на таа жена. „Кој бараше да пие“, вели свети Августин, „беше жеден за верата на таа жена“.
Додека Никодим дошол кај Исус ноќе, овде Исус ја среќава Самарјанката напладне, во времето на најголемата дневна светлина. Тоа е, имено, моментот на објавата. Исус ѝ се открива како Месија и во исто време фрла светлина врз нејзиниот живот. Тоа ѝ помага да ја види својата животна приказна, комплицирана и болна, од нов агол: имала пет мажи, а сега е со шестиот кој не ѝ е маж. Бројот шест не е случаен, туку обично означува несовршеност. Можеби ова е алузија на седмиот вереник, оној кој конечно ќе може да ја задоволи желбата на таа жена да биде вистински сакана. А тој вереник може да биде само Исус.
Сфаќајќи дека Исус го знае нејзиниот живот, жената го насочува разговорот кон верско прашање што ги подели Евреите и Самарјаните. Ова понекогаш ни се случува кога се молиме: во моментот кога Бог го допира нашиот живот со своите проблеми, понекогаш талкаме во мисли кои ни даваат илузија на успешна молитва. Ние всушност подигаме заштитни бариери. Но Господ е секогаш поголем, и на онаа Самарјанка, со која, според тогаш утврдените правила на однесување, не требало ни да разговара, ѝ дава највисоко откровение: ѝ кажува за Отецот, на Кого треба да му се поклонуваме со дух и во вистина. И кога таа, повторно изненадена, забележа дека е подобро да го чека Месијата во врска со овие работи, Тој и вели: „Јас сум што ти зборувам!“ (р. 26). Тоа е како изјава на љубов: Јас сум Оној што го чекаш; Оној кој конечно може да одговори на твојата желба да бидеш сакана.
Тогаш жената трча да ги повика луѓето од селото, бидејќи токму од искуството да се почувствува сакано се наметнува посланието. И каква порака би можела да донесе ако не нејзиното искуство дека е разбрана, прифатена, дека ѝ е простено? Тоа е слика која треба да нè поттикне да размислуваме за барање нови начини на евангелизација.
Исто како вљубена личност, Самарјанката ја заборава стомната пред Исусовите нозе. Тежината на тој бокал на нејзината глава, секогаш кога се враќала дома, ја потсетувала на нејзината состојба, на напорниот живот. Но, сега стомната е ставена пред Исусовите нозе. Минатото повеќе не е товар; таа се помири со Бога. Така е и со нас: за да отидеме и да го проповедаме Евангелието, прво треба да го положиме товарот и бремето на нашата историја пред нозете на Господ, да му ја предадеме тежината на нашето минато. Само помирените луѓе можат да бидат носители на Евангелието.
Драги браќа и сестри, да не губиме надеж! Дури и ако нашата историја изгледа тешка, комплицирана, можеби дури и уништена, ние секогаш ја имаме опцијата да му ја предадеме на Бога и одново да го започнеме нашето животно патување. Бог е милосрдие и секогаш нè чека!
Ватикан њуз/к.мк