На празникот свети Фрањо Салешки, 24 јануари, како и секоја година, беше објавена пораката на Папата за Светскиот ден на средствата за социјални комуникации, кој оваа година ќе се слави на 29 мај. Тема на пораката е „Да се слуша со увото на срцето“.
Слушањето „останува важно за човечката комуникација“, но во светот во кој живееме, постои тенденција да се врти главата на другата страна и да се затвораат ушите. Само свртувајќи внимание на она кого слушаме, што слушаме, како слушаме, можеме да раснеме во способноста на комуникација, чиј центар не е теоријата или техниката, туку способноста на срцето кое овозможува близина, објасни Папата.
„Сите имаме уши, но многу пати дури и оние со совршен слух не можат да ги слушнат другите. Постои имено, внатрешна глувост, полоша од телесната глувост“, напоменува Папата. Во врска со тоа, Светиот Отец го сврте вниманието на реалноста на присилната миграција, комплексен проблем за кој никој „нема подготвен рецепт“ да го реши.
Папата поттикнува да го урнеме ѕидот на разочарувањето и цинизмот што се издига меѓу обичните луѓе, секако поттикнати од пандемијата.
Таква голема недоверба што претходно се насобра кон „официјалните информации“ предизвика „инфодемија“, во која светот на информациите сè потешко може да биде веродостоен и транспарентен.
„Мораме да слушаме и да наслушнуваме, посебно за социјалната неволја што се влошува со забавувањето или прекинувањето на многу економски активности“, поттикна Папата. Но, треба да се биде внимателен, бидејќи „постои употреба на слухот што не е вистинско слушање, туку спротивното: прислушување“.
Постојаното искушение денес, во ерата на социјалните мрежи, дополнително се влоши е прислушувањето и шпионирањето, искористувањето на другите за своја корист. Напротив, она што ја прави комуникацијата добра и целосно човечка е само слушање на оној пред кого сме, лице в лице, слушање на другиот на кого му пристапуваме со посветеност, доверба и искрена отвореност.
Човекот не комуницира ако прво не слушал и нема добро новинарство без способност за слушање. За да се понудат темелни, урамнотежени и целосни информации, потребно е долго да се слуша. За да го раскажете настанот или да ја опишете реалноста во репортажата, важно е да знаете да слушате, подготвени исто така да го промените мислењето, да ги модофицирате вашите почетни хипотези, напиша Папата во својата порака за Светскиот ден на средствата за социјални комуникации.
Ватикан њуз/к.мк