Папата: За да ти биде простено, треба да простиш
„Единственото нешто што ни треба во животот е да ни биде простено, да бидеме ослободени од злото и неговите смртни последици“. Ова го истакна Папата на Генералната аудиенција, на плоштадот Свети Петар во Ватикан.
Пред 40 илјади верници и поклоници присутни на плоштадот, Светиот Отец го насочи вниманието на исповедувањето на гревот и барањето прошка, задржувајќи се посебно на псалмот 50. Овој псалм – рече тој – „е една покајничка молитва во која барањето за прошка му претходи на исповедувањето на гревот. Во овој псалм, тој што моли, овозможува на Божјата љубов да го прочисти, се претвора во ново создание, способно за послушност, упорност во духот и искрена пофалба“.
Насловот даден на овој псалм, од древната еврејска традиција се повикува на цар Давид и неговиот грев со Вирсавија, сопруга на Урија Хетеецот. „Сите ја знаеме историјата. Цар Давид, повикан од Бог да го води неговиот народ по патиштата на послушноста на Законот Божји, ја изневерува својата мисија и откако врши прељуба со Вирсавија, го убива нејзиниот сопруг. Тоа е тежок и грд грев! Пророкот Натан му ја открива вината и му помага да ја признае. Исповедувањето на сопствениот грев е моментот на помирување со Бог. Тука Давид е смирен, но и голем“.
Кој се кае има вера во Бог
Тој што го моли псалмот – продолжи папата Фрањо – е „повикан да ги има истите чувства на покајание и вера во Бог, кои ги имал Давид, кој иако бил цар се понизил, без да се плаши да го исповеда својот грев и да ја покаже својата ништожност пред Господ, но убеден и сигурен на неговата милост. Она што беше го сторил не беше мала лага, туку една прељуба и убиство!“.
Бог е единствениот кој може да го спаси од гревот
Псалмот – потсети Папата – започнува со зборовите: „Помилуј ме, Боже, поради големата Твоја милост, и заради големата Твоја добрина избриши ги беззаконијата мои. Многупати ме изми од моето беззаконие и очисти ме од мојот грев“ (Пс 50, 1-2). Молитвата е упатена кон Бог на милосрдието, за да може поттикнат од големата љубов, како онаа на еден татко или мајка, да се смилува, односно да помилува, да ја покаже својата поддршка со добронамерност и разбирање. Тоа е една ревна молитва кон Бог, единствениот кој може да го ослободи од гревот“. Псалмистот – истакна папата Фрањо – користи многу елоквентни слики: пороси ме, измиј ме, очисти ме. „Во оваа молитва се покажува вистинската потреба на човекот: единственото нешто од кое имаме навистина потреба во нашиот живот е тоа да ни биде простено, да бидеме ослободени од злото и неговите смртни последици. За жал, животот не еднаш нè тера да ги доживееме овие ситуации, но во нив, пред сè треба да се надеваме на милоста.
Бог е поголем од нашиот грев
Потоа Папата додаде: „Бог е поголем од нашиот грев, да не заборавиме дека Бог е поголем од нашиот грев! Бог е поголем од сите гревови, кои можеме да ги направиме, а неговата љубов е океан во кој можеме да потонеме без страв дека можеме да се удавиме. Бог да ни прости, значи да ни даде сигурност дека Тој никогаш не нѐ напушта, во што и да се прекоруваме Тој е секогаш поголем од сè, зашто Бог е поголем од нашиот грев. Да не заборавиме: Бог е поголем од нашиот грев! Бог е поголем од сите гревови, кои можеме да ги направиме.“
Бог го отстранува гревот од корен
Во таа смисла – истакна Папата – „кој се моли со овој псалм бара прошка, го исповеда својот грев и признавајќи го ја слави правдата и светоста на Бог. Потоа проси милост и милосрдие. Псалмистот се доверува на добрината на Бог, знае дека божествената прошка е најефикасна, бидејќи го прави она што го вели. Не го крие гревот, туку го уништува и брише, од коренот, од основата, без да остави траги. Затоа, оној што се кае се очистува, секоја дамка е исчистена и сега тој е побел од снегот. Сите ние сме грешници кои со простувањето, стануваме нови битија, исполнети со духот и полни со радост. Сега во нас започнува една нова реалност: едно ново срце, нов дух и нов живот. Ние, грешници на кои им е простено, кои сме ја примиле Божјата милост, можеме дури и да зборуваме и на другите да не грешат повеќе“.
Стани, по падот во грев
Потоа Ппапата додаде: Ако паднеш во гревот од слабост, протегни ја раката и Господ ќе те крене: тоа е достоинството на Божјата прошка! Бог ги создаде мажот и жената, за да бидат исправени на нозе, а не подложни и потчинети на гревот. Псалмистот вели: „ Создај чисто срце во мене, Боже, и дух вистински обнови во мене. Не отфрлај ме од лицето Свое и Светиот Дух Твој не одземај Го од мене. Врати ми ја радоста, спасувајќи ме и со Својот моќен Дух зацврсти ме. Беззакониците ќе ги научам да одат по Твоите патишта, и безбожниците кон Тебе ќе се обрнуваат.“(Пс. 50, 10-13).
Важноста да им простуваме на другите
„Божјата прошка е тоа што на сите ни е потребна и е најголемиот знак на Неговото милосрдие. Дар, кој секој грешник, на кого му се простува, е повикан да го сподели со секој брат и сестра, кои ги среќава на патот. Сите оние кои Господ ни ги стави до нас, блиски, пријатели, колеги, парохјани, сите, како нас, имаат потреба од Божјото милосрдие. Убаво е да биде простено, но за да биде простено мора прво да простиш! Проштевајте! Нека Господ, преку застапништвото на Марија, Мајка на милосрдието, нè направи сведоци на неговата прошка која го очистува срцето и го преобразува животот!“.
РВ/В.Н.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк