Папата: Запамтете ја датата на вашето Крштение

Папата: Запамтете ја датата на вашето Крштение

Пламенот кој е запален во нашето срце мора да биде подржуван со молитвата и љубовта.

Односот на Исус со луѓето и односот на Исус со Отецот се две реалности на кои папата Фрањо се фокусираше во наговорот пред молитвата Ангел Господов, во неделата на 13 јануари 2019 година на празникот Крштение Господово. Во евангелскиот извештај за Крштението на Исус во реката Јордан се истакнува улогата на народот кој не е само позадината на таа сцена, туку важен фактор – рече Папата и објасни, имено пред да се потопи во водата, Христос се потопува во мноштвото, ја прифаќа човечката состојба делејќи со нас сè, освен гревот.

Обединувајќи се со народот, Исус ја открива смислата и логиката на своето послание и преку знакот на Светиот Дух „започнува нов свет и ново создание во кој се вклучени сите оние кои го прифаќаат Христос во својот живот“ – рече Светиот Отец и истакна: До секој од нас кои сме се преродиле со Исус во крштението се упатени зборови на Отецот: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!“ (Лука 3, 17) Тоа е љубовта на Отецот која сме ја примиле на денот на своето крштение, пламенот кој е запален во нашето срце и мора да биде подржуван со молитвата и љубовта.

Освен што се потопи во мноштвото и зема тело, Исус се потопи во молитвата, во заедништвото со Отецот и примајќи го крштението го започнува својот јавен живот и посланието во светот, на сите луѓе да им покаже љубов – рече папата Фрањо и нагласи: И ние сме повикани на тоа „соединување“ со Бог за да бидеме вистински и доследни сведоци. Посланието на Црквата и посланието на секој од нас, за да биде верно и плодно е повикано да се накалеми на Исусовото послание.

Се работи за постојано да се обновува во молитвата евангелизацијата и апостолатот за да можеме христијански да сведочиме, не според нашите човечки проекти, туку во согласност со Божјиот план и начин – рече Папата и ги поттикна сите верници да го обноват со благодарност и уверено своите крштелни ветувања за секојдневно да живеат согласно со нив, и уште еднаш предложи да се прашат родителите, дедовците и бабите за точниот датум кога сме ја примиле светата Тајна Крштение со која започнува христијанскиот живот.

„Радосен сум што денес според традицијата на овој празник можев да крстам група новороденчиња“ – рече Светиот Отец и повика: „Да се молиме за нив и за нивните семејства“. Да го сочуваме секогаш живо и ефикасно сеќавањето на своето крштение. Во него се корените на нашиот живот со Бог; корените на нашиот вечен живот кој Исус Христос ни го даруваше со своето овоплотување, маката, смртта и воскресението.

Како Исус после своето Крштение да дозволиме да нè води Светиот Дух во сè што правиме. Но, за тоа мора да Го повикуваме! Да научиме често во својот живот да го повикуваме Светиот Дух за да можеме со љубов да ги живееме редовните работи и така да ги направиме изворедни – заврши Папата.

По пладневната молитва папата Фрањо ги поздрави сите присутни верници од целиот свет, а со неокатекумените од Полска се пошегува прашувајќи ги дали дошле да го прослават роденденот на Кико Аргуело, основачот на Неокатекуменскиот пат кој на 9 јануари го прослави својот 80 роденден.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот