Папата: Заканата против целиот ирански народ е неприфатлива

Папата: Заканата против целиот ирански народ е неприфатлива

Обраќајќи им се на новинарите во Кастел Гандолфо, папата Лав XIV ги повика „сите луѓе со добра волја секогаш да бараат мир и да ја отфрлаат војната“, упатувајќи апел за враќање на преговарачката маса за да се постигнат мирни решенија. Тој, исто така, истакна дека нападите врз цивилната инфраструктура се спротивни на меѓународното право.

„Секогаш барајте мир и отфрлете ја војната.“

Папата Лав XIV повторно го упати тој повик за мир во кратка изјава во вторник вечерта, 7 април 2026 година, пред група новинари кои го чекаа пред Вила Барберини, папската резиденција во Кастел Гандолфо.

Во контекст на американско-израелската војна против Иран и заканата на американскиот претседател дека ќе ја уништи „целата иранска цивилизација“ доколку Техеран не го почитува рокот поставен од Белата куќа за постигнување договор за повторно отворање на Ормутскиот Теснец, Папата рече дека сака уште еднаш да го повтори она што го кажа во својата порака „Urbi et orbi“ во неделата. Тој побара од сите луѓе со добра волја секогаш да се определуваат за мир, а не за насилство, и да ја отфрлат војната, особено војната што, како што нагласуваат многумина, е неправедна, постојано ескалира и не решава ништо.

Зборувајќи на италијански јазик, Папата рече: „Денес, како што сите знаеме, беше упатена и оваа закана против целиот народ на Иран. И тоа е навистина неприфатливо. Се разбира, тука станува збор за прашања од меѓународното право, но уште повеќе, станува збор за морално прашање што се однесува на доброто на народот како целина.“

Папата не пропушти да укаже и на пошироките последици од конфликтот, велејќи: „Се соочуваме со светска економска криза, енергетска криза и состојба на голема нестабилност на Блискиот Исток, што предизвикува сè поголема омраза низ целиот свет.“

Затоа папата Лав повика: „Вратете се на преговарачката маса. Да разговараме. Да бараме решенија по мирен пат.“

Папата потоа се осврна и на сите оние кои неправедно страдаат во конфликтот.

„Да се потсетиме особено на невините: на децата, старите лица, болните, на толку многу луѓе кои веќе станаа или ќе станат жртви на ова продолжено војување. И да се потсетиме сите дека нападите врз цивилната инфраструктура се спротивни на меѓународното право и дека претставуваат знак на омраза, поделба и разорност за кои е способно човечкото суштество.“

Папата повтори дека „сите сакаме да работиме за мир. Луѓето сакаат мир“, повикувајќи ги сите да го дадат својот придонес.

„Ги повикувам граѓаните на сите вклучени земји“, заклучи папата Лав, „да им се обратат на своите власти, на политичките лидери и на законодавците, за да им кажат јасно дека треба да работат за мир и да ја отфрлат војната и насилството. Ви благодарам многу.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести

За авторот