Во својата проповед на Вечерната на празникот Преобраќање на свети Павле, со која ја затвори молитвената осмина за единство на христијаните, папата Фрањо потсети дека Бог е огорчен од „рамнодушното недоразбирање“ и „богохулното насилство“ на христијаните и повика да се промениме и растеме „во заеднички напори за потполно единство, кое го посакува Христос.
Предупредување и промена
Во базиликата „Свети Павле надвор од ѕидините“, каде што се чуваат моштите на апостолот на незнабошците, заедно со православниот митрополит Италијанско-малтински Поликарпос и директорот на Англиканскиот центар во Рим, бискупот Јан Ернест, Папата потсети на „силните зборови“ на пророкот Исаија, од кои е избрана темата за оваа молитвена осмина: „Научете се да правите добро, барајте правда“.
Пророчкото Слово Божјо преку устата на Исаија нé повикува да се промениме, истакна Папата. Што предизвикува огорченост кај Господ против „луѓето што тој толку многу ги сака?“. Читајќи го библискиот текст, папата Фрањо нагласи дека Бог „укорува дека во неговиот храм, во негово име, не се прави она што тој сака: не темјан и приноси, туку да им се помогне на угнетените, да им се даде правда на сираците, достоинството на вдовицата да биде запазено.
„Бог страда кога ние, кои се нарекуваме Негови верници, ја ставаме нашата визија пред Неговата, ги следиме земните погледи наместо небесните, се задоволуваме со надворешните ритуали и остануваме рамнодушни кон оние за кои Тој најмногу се грижи. Бог тагува, можеме да кажеме, поради нашата рамнодушност и недоразбирање“.
„Богохулното насилство“ врз Божјиот храм, кој е човекот
Папата истакна „уште посериозна“ причина што го навредува Бога, а тоа е „богохулното насилство“. Исаија зборува за „злосторство и славење“, за раце од кои „капе крв“. „Господ е „вознемирен“ поради насилството што се врши врз Божјиот храм, кој е човекот, а се обожава во храмови направени од човекот!
Можеме да замислиме на колку многу страдања тој мора да биде сведок, на војни и насилни дела направени од оние кои исповедаат дека се христијани.
Затоа, „ако сакаме, по примерот на апостол Павле, Божјата благодат во нас да не биде залудна, мора да се спротивставиме на војната, насилството и неправдата каде и да се прикрадуваат“. Папата потсети дека „темата на оваа молитвена осмина ја избра група верници од Минесота, свесни за неправдите извршени во минатото врз домородните народи и врз Афроамериканците денес. Соочени со различните облици на презир и расизам, пред рамнодушното недоразбирање и богхулното насилство, Словото Божјо нè поттикнува:
„Научете се да правите добро, барајте правда“ (Исаија 1,17). Всушност, не е доволно да се осудува, туку е потребно и откажување од злото, да одиме од зло во добро. Еве совет упатен за наша промена“.
Божјата благодат е изворот на нашата промена
Но, ние не можеме сами да го направиме тоа, објасни папата Фрањо, „без Бога, без неговата благодат, не можеме да го излечиме нашиот грев. Неговата благодат е извор на нашата промена“. Па „дури и нашето екуменско преобраќање напредува до точка каде што ја препознаваме нашата потреба од благодат, нашата потреба од милост: признавајќи дека сите сме зависни од Бога за сè, ќе почувствуваме и навистина, со Негова помош, ќе бидеме „едно“. (Иван 17, 21)“.
Папата, исто така, изрази надеж дека синодалниот пат ќе биде сè повеќе екуменски, „но да не заборавиме дека заедничкото одење и меѓусебното препознавање во заедништво со Светиот Дух вклучува промена, раст што може да се случи само, како што напиша Бенедикт XVI. „почнувајќи од интимната средба со Бога, средба која се претвора во заедништво на волјата, стигнувајќи до точка на допирање на чувствата. Да научиме да се гледаме не само со очите и со нашите чувства, туку и според погледот на Исус Христос. Твојот пријател е мој пријател“ (Енциклика Deus caritas est, 18)“. Потоа Папата повика помош од апостол Павле и неговата „нескротлива храброст“ за преобраќање:
Затоа што за време на нашето патување лесно е да работиме за сопствената група, а не за Царството Божјо, да бидене нетрпеливи, да ја изгубиме надежта за тој ден кога „сите христијани, на една Евхаристиска служба, ќе се најдат собрани во тоа единство на единствената Црква, која Христос ја даде на Неговата Црква од самиот почеток“.
Поздрав до сите присутни браќа
На крајот, папата Фрањо изрази надеж дека неговите мисли, вдахновени од Словото, ќе ни помогнат на сите „да се промениме и растеме во молитвата, во служењето, во дијалогот и да работиме заедно за тоа потполно единство што го посакува Христос“.
Светиот Отец се заблагодари за присуство на митрополитот Поликарпос, претставник на Вселенската патријаршија, бискупот Јан Ернест, личен претставник на надбискуппот од Кантербери во Рим, како и претставниците на другите христијански заедници. Папата исто така изрази „солидарност“ со членовите на Сеукраинскиот совет на црквите и верските организации и ги поздрави православните и источноправославните студенти, членовите на Комитетот за културна соработка со православните цркви на Одделот за промовирање на единство на христијаните и членовите на Екуменскиот институт Бозе на Светскиот совет на црквите. На крајот,срдечно го поздрави отец Алојс и на браќата од Тезе „ангажирани во подготовката на екуменското молитвено бдение кое ќе претходи на отворањето на следната седница на Епискоопската синода“.
Кардинал Кох: да ги цениме Божјите дарови во другите Цркви
На крајот на славењето, присутните ги поздрави кардинал Курт Кох, префект на Дикастеријата за промовирање на единство на христијаните, кој прируствуваше на оваа молитва заедно со секретарот на Дикастеријата, надбискупот Брајан Фарел.
Потсетувајќи на темата на осмината „Научи се да правиш добро, барајте правда“, тој посочи дека „екуменското ангажирање мора да биде проникнато од духот на преобраќање и дека сите сме повикани на преобраќање“. Мирот, кој е плод на правдата, важи и за нашите екуменски напори“, рече швајцарскиот кардинал.
Ние христијаните ќе најдеме мир меѓу себе ако не ги гледаме само нашите права, туку и со благодарност ги цениме даровите и богатствата што Светиот Дух им ги доверил на другите Цркви и заедници, кои се дарови и богатство за сите нас“. Според префектот, ова е „вистинска екуемнска љубов. Љубовта го обединува мноштвото и единството. Љубовта не ги брише легитимните разлики што постојат и меѓу нас христијаните, туку хармонично ги собира во едно подлабоко единство, кое не се наметнува однадвор, туку е плод одвнатре“.
Ватикан њуз/к.мк