Во своето пладневно обраќање пред молитвата Ангел Господов, Папата се осврна на неделниот пасус од Евангелието според Лука, каде што Исус вечера со фарисеите и забележува дека постои натпревар за првите места. Тој ја повика Црквата да биде дом во кој секој секогаш е добредојден, каде што местата не се освојуваат и каде што го препознаваме нашето достоинство како ќерки и синови Божји.
Понизноста е слобода од самите себе, а се пројавува кога вистински се интересираме за Царството Божјо и за Неговата правда. Со овие зборови, Папата Фрањо во недела, 31 август 2025 година, во своето пладневно обраќање пред молитвата Ангел Господов, поттикна да учиме од Христос како да служиме и да не гледаме само на себе. Овој повик за понизност произлегува од размислувањето за евангелскиот пасус од Лука, каде што Исус вечера во куќата на еден водечки фарисеј и забележува дека гостите се натпреваруваат да ги заземат првите места. Затоа Тој го опишува тоа што го гледа во една парабола и нè повикува на размислување. Папата во своето обраќање конкретно се сврте кон Црквата со зборовите:
„Да се молиме денес Црквата да биде училиште на понизност за сите нас, односно дом во кој секогаш сме добредојдени, каде што местата не треба да се освојуваат, каде што Исус и понатаму може да ни зборува и да нè поучува на својата понизност и за својата слобода.“
Да бидеме протресени од Христовото Слово
Обраќајќи им се на верниците, Светиот Отец нагласи дека учеството на Светата Литургија во недела значи и да му дадеме збор на Исус, бидејќи Тој сака да биде наш гостин и да ни открие како нè гледа. Петровиот наследник охрабри да застанеме и да размислиме, за да дозволиме да бидеме протресени од Словото, кое ги доведува во прашање приоритетите што живеат во нашите срца.
„Ова е искуство на слобода, а Исус нè повикува на слобода,“ истакна Папата. Тој натпревар тра за првите места, опишана во Евангелието, постои и денес, особено во ситуации кога е важно да бидеме забележани. Тогаш заедништвото се претвора во натпревар – рече Римскиот епископ и додаде:
„Многу е важно да се погледнеме себеси низ Неговите очи: да преиспитаме колку често ги сведуваме нашите животи на конкуренција, да забележиме како се обидуваме да се разликуваме само за да добиеме признание, како непотребно се споредуваме едни со други.“
Достоинство и слобода доаѓаат од Бога
Светиот Отец ја истакна понизноста како клучен збор во ова Евангелие, за да се разбере вистинската слобода. Тие што се возвишуваат себеси не пронашле ништо поважно од самите себе и живеат во несигурност – објасни Папата, додавајќи:
„Оние кои сфатиле дека се драгоцени во Божјите очи, оние кои длабоко во себе чувствуваат дека се синови и ќерки Божји, поседуваат многу поголеми работи за кои можат да се возвишат и достоинство кое свети во нив. Тоа станува видливо и доаѓа до израз без напор или стратегија, кога учиме да служиме и да не ги злоупотребуваме ситуациите.“
Да се биде гостин и домаќин на други
Папата се осврна и на фарисеите, кои како строги толкувачи на традицијата, го гледале Исус со одредени сомнежи. Сепак, средбата се случила бидејќи Исус станал близок и присутен, влегувајќи во ситуацијата како вистински гостин, полн со почит и автентичност. Тој се откажал од формалностите што често служат само за да се избегне вистинската вклученост во животите едни на други – забележа Петровиот наследник и заклучи:
„Пречекот на гости го проширува просторот на нашите срца, а за да се стане гостин е потребна понизност за да се влезе во животот на другите. Културата на средбата се поткрепува со овие гестови што нè зближуваат.“
Ватикан њуз/к.мк