Папата Лав XIV изрази загриженост поради иселувањето на христијаните од земјите на Блискиот Исток и другите региони во кои Источните цркви се присутни со векови. Тој повика христијанските заедници да бидат поддржани за да можат да останат вкоренети во своите татковини.
„Низ целиот Блиски Исток и во други региони, источните христијани продолжуваат да се соочуваат со последиците од војната, прогонството, нестабилноста и сиромаштијата“, рече папата Лав XIV во петок, 20 ноември 2026 година, за време на аудиенција во Ватикан.
Поради ваквите околности, продолжи Папата, многумина биле принудени да ги напуштат земјите во кои живееле нивните предци и каде што нивните Цркви го навестувале Евангелието уште од најраните векови на христијанството.
Светиот Отец предупреди дека последиците од таквото иселување се многу подлабоки од напуштањето на местото на живеење.
„Кога едно христијанско семејство е принудено да ја напушти својата татковина, се губи многу повеќе од место за живеење. Заедницата ослабува, живата традиција се доведува во опасност, а присуството на Црквата се намалува“, рече Папата.
Да им се помогне на христијаните да останат во своите татковини
Поради тоа, придружувањето на источните христијани во нивните татковини претставува „суштинско дело на надежта“, истакна папата Лав.
Во време кога многумина можат да паднат во обесхрабрување, потребно е да им се покаже дека не се сами и дека страдањето и неизвесноста го немаат последниот збор.
Аудиенцијата беше организирана по повод 100-годишнината од основањето на Католичката асоцијација за помош на Блискиот Исток, позната како ЦНЕВА, која во 1926 година ја основал папата Пиј XI.
Организацијата обезбедува пасторална и хуманитарна помош за луѓето и Источните католички цркви на Блискиот Исток, во североисточна Африка, Индија и Источна Европа.
Папата изрази благодарност за нејзината долгогодишна служба и потсети дека преку нејзиното дејствување близината на универзалната Црква станува конкретна за многу луѓе кои во спротивно би можеле да се чувствуваат заборавени или напуштени.
ЦНЕВА во текот на својата историја им помагала на епископите и свештениците, придонесувала за образование и подготовка на луѓе за различни служби, ја поддржувала католичката просвета, се грижела за сиромашните и одговарала на хуманитарни кризи.
Наследството на Источните цркви е богатство за целата Црква
„Останувајќи блиску до оние што се во неволја и помагајќи им на помесните Цркви да одговорат на нивните потреби, вашата асоцијација им овозможува на многу семејства да останат вкоренети во своите заедници“, рече папата Лав.
На тој начин, продолжи тој, се придонесува за зачувување на духовното, литургиското, културното и човечкото наследство на Источните цркви.
Папата нагласи дека ова наследство претставува богатство кое им припаѓа и на локалните заедници и на целата Католичка црква, збогатувајќи го целото Тело Христово.
Осврнувајќи се на стогодишнината на ЦНЕВА, Светиот Отец со благодарност се сети и на сите оние кои во изминатиот век се посветиле на оваа мисија, како и на оние кои ги загубиле своите животи среде војни и насилство, останувајќи верни на своите заедници и на христијанското наследство.
На крајот, папата Лав XIV ги охрабри членовите на асоцијацијата никогаш да не ја губат од вид надежта што ѝ дава смисла на нивната служба.
Тој истакна дека помошта што ја даваат има и хуманитарна и длабока христијанска димензија, како израз на братството и заедништвото што ги поврзува членовите на Телото Христово низ различни народи, култури и континенти.
Ватикан њуз/к.мк

