Во поздравите по молитвата Ангел Господов, Папата ги спомена земјите кои ќе бидат негови домаќини на почетокот на февруари и ја изрази својата загриженост за насилството што пред сѐ ја нарушува државата Горен Нил, а поради кое илјадници жители се иселуваат
Папата Фрањо е загрижен за насилството во Јужен Судан, земја која ќе биде негов домаќин од 3 до 5 февруари 2023 година, кога ќе биде во главниот град Џуба заедно со англиканскиот надбискуп од Кентербери Џастин Велби и свештеникот Иан Гриншилдс, модератор на Генералното собрание на црквата на Шкотска. Тоа ќе биде дел од патувањето во Африка, при што ќе ја посети и Киншаса, главниот град на Демократска Република Конго, од 31 јануари до 5 февруари. Папата својата загриженост ја истакна пред верниците собрани на плоштадот Свети Петар.
Со загриженост ги следам вестите од Јужен Судан за насилните конфликти во изминатите неколку дена. Да го молиме Господ за мир и национално помирување, нападите да престанат и секогаш да се почитуваат цивилите.
Избори во 2024 година
Од 2013 година, две години по независноста од Судан, земјата се соочува со борби меѓу војниците лојални на претседателот Салва Кир и неговиот заменик и противник Риек Мачар, поранешен водач на бунтовниците. Мировниот договор потпишан во 2018 година е моментално на сила, но се спроведува многу бавно. Досегашните проценки за војната во Јужен Судан се околу 400.000 жртви. Претседателот Салва Кир повторно е кандидат на владејачката партија за уште еден мандат на постојано одложуваните избори закажани за крајот на 2024 година. Останатите кандидати не се официјално познати, но се предвидува дека ќе се кандидира Риек Мачар.
Ватикан њуз/к.мк