Примајќи ја во аудиенција екуменската делегација од Финска, токму додека трае молитвената осмина за едниство на христијаните, Папата истакна дека екуменизмот е важна потреба на нашата вера.
Во светот измачен од војни, омраза и поделби не смееме да ја одложуваме заедничката молитва и ангажирањето за поголема праведност.
Екуменскиот пат на сè уште поделените христијански Цркви е важна потреба на нашата вера, услов кој произлегува од фактот дека сме Христови ученици; тој е неповратен пат и не е некоја опција – рече папата Фрањо на екуменската делегација од Финска која ја прими во аудиенција по повод нивното традиционално ходочастие во Рим за празникот на свети Хенрик.
Заедничкото ангажирање за екуменизмот е важна потреба на верата која ја исповедуваме, услов кој се раѓа од самиот наш идентитет на Исусови ученици. А како ученици додека го наследуваме истиот Господ сѐ подобро сфаќаме дека екуменизмот е пат, и тоа пат кој, како што после Вториот ватикански собор повеќе папи истакнувале, неповратен. Тој не е пат кој ни се нуди на избор – рече Папата. (…)
„Кога се молиме заедно, кога заедно го навестуваме Евангелието и им служиме на сиромашните и оние во потреба, се пронаоѓаме на пат кој оди кон целта за видливо единство. И теолошките и црковните прашања кои сè уште нè разделуваат ќе можат да се решат само во текот на тоа заедничко одење; нема никогаш да се решат ако останеме неподвижни – рече Светиот Отец.
Теолошкиот дијалог – решавање на недоразбирањата и предрасудите во љубовта
Можеме да бидеме сигурни дека ако бидеме поучливи, Светиот Дух ќе нè води на начини кои денес не можеме ниту да ги замислиме – рече папата Фрањо и додаде дека во меѓувреме сме повикани да правиме сè што е можно за да ја подржиме средбата и со љубов да ги решиме недоразбирањата, спротивностите и предрасудите кои со векови ги расипувале нашите односи. (…)
Заедничката молитва и обврска за поголема праведност
Заради тоа сме повикани никогаш да не се измориме на тој пат – рече и ја спомна Молитвената осмина за единство на христијаните која е во тек, а која ова година се одржува на тема земена од Библијата „Стремете се за самата правда.“ Папата притоа истакна дека за праведноста не може да делуваме сами; праведноста за сите луѓе се измолува и бара заеднички напор. Во светот измачен од војни, омраза, национализам и поделби, заедничката молитва и заедничкото ангажирање за поголема праведност не можат да се одложуваат. Тие се пропусти кои не можеме да си ги дозволиме – предупреди папата Фрањо и присутните на крајот ги поздрави изразувајќи надеж дека – како што рече – нашето заедничко сведоштво на молитвата и верата ќе донесе плод, а вашата посета ќе ја зацврсти веќе вредната соработка меѓу лутераните, православните и католиците во Финска.
Ватикан њуз/к.мк