Папата Лав XIV се обрати на средбата на тема „Корените на Европа за мир и единство“, нагласувајќи дека христијанските корени на Европа „ни помагаат појасно да разбереме дека отвореноста кон трансцендентното отсекогаш била составен дел од човечката личност и жив извор на цивилизацијата“.
Папата Лав XIV опиша „замислено патување што започнува од корените на Европа“ и е насочено кон сегашноста и иднината, во потрага по мир и единство.
Европска цивилизација изградена врз традицијата и средбата
Објаснувајќи дека Европа треба да се сфати повеќе како „културна и историска реалност“ отколку само како географска, Папата истакна дека Европа „процветала и напредувала кога умеела да го преземе најдоброто од своето минато и повторно да го осмисли на нови и креативни начини преку средбата со другите“, вклучително и со други цивилизации.
Меѓу длабоките корени на европската цивилизација, папата Лав XIV го истакна еден многу постар „татко основач“ на Европа, свети Бенедикт, чие влијание придонело за грижата за сиромашните, болните и старите лица; за образованието на децата и развојот на универзитетите; за болниците и медицината; архитектурата и инженерството; развојот на науките; правото и организацијата на градовите и државите.
„Без ова монашко влијание“, рече папата Лав XIV, „европската цивилизација каква што ја познаваме не би постоела“, додавајќи: „Затоа не можеме да зборуваме за Европа без да го споменеме христијанството.“
Универзалните вредности го поттикнуваат мирот и единството
Светиот Отец потоа се осврна на влијанието на Роберт Шуман и Алчиде де Гаспери, кои, заедно со многу други, помогнале во поставувањето на темелите на современиот европски проект за единство и мир.
Шуман и Де Гаспери од христијанските корени на Европа ги црпеле вредностите на еднаквоста, достоинството на трудот, првенството на внатрешните вредности и братската љубов; вредноста на човечката личност и нејзината лична одговорност, почитувањето на законот, љубовта кон убавината и посветеноста на вистината и правдата.
Овие вредности не произлегуваат само од религиозната посветеност, рече Папата. Напротив, признавањето на долгот што Европа го има кон христијанството ни помага појасно да разбереме дека „отвореноста кон трансцендентното е секогаш составен дел од човечката личност и жив извор на цивилизацијата“.
Во своето обраќање, папата Лав XIV ја истакна важноста на почитувањето на верската слобода и соработката меѓу Црквата и државата, нагласувајќи дека универзалните вредности, како што се правата и должностите на човечката личност, слободата, демократијата, еднаквоста и почитувањето на владеењето на правото, нудат цврста основа за хармонија во мултикултурното општество.
Прифаќање и интеграција на мигрантите
Ова е особено важно, рече Папата, имајќи го предвид големиот обем на миграцијата во Европа, што бара од општествата истовремено да ги прифатат мигрантите и да придонесат за нивната интеграција во заедницата.
„Универзалниот карактер на основачките вредности на Европа“, продолжи тој, „нè уверува дека овој дијалог е можен и дека може да обезбеди цврста основа за нашите општества, овозможувајќи ни поефикасно да работиме за мир и за помирен свет.“
Од Роберт Шуман, рече папата Лав XIV, можеме да научиме желба за мир, која не е ниту „наивен пацифизам“, ниту предавање на „илузијата дека вооружувањето е решението“.
Хармонијата мора да се гради преку средба, а не преку конфликт
Папата нагласи дека Европа мора да се темели на почитување на меѓународното право и на верност кон дадениот збор. „Меѓународното право и мултилатерализмот“, рече тој, „ја нагласуваат вистинската еднаквост на државите во нивните меѓусебни односи и претставуваат најдобар противотров на желбата за доминација, која се наоѓа во коренот на секој конфликт.“
Од Втората светска војна наваму, рече папата Лав XIV, Европа „во голема мера покажа дека е можно различните мислења, барања и интереси да се усогласуваат преку средба, а не преку конфликт“.
„Бидете градители на заедницата“
На крајот од своето обраќање, Папата упати посебен апел до младите, „кои се повикани да ја градат Европа денес и утре“. Тој ги повика храбро да го промовираат мирот, да не се предаваат на логиката на насилството и угнетувањето, да не се плашат од иднината, да основаат семејства и да го бранат човечкото достоинство од зачнувањето до природната смрт, како и да работат за општото добро, вклучително и преку политички ангажман.
„Бидете градители на заедницата“, им порача папата Лав XIV на младите, „и со вас Европа, цврсто вкоренета во своето наследство, ќе продолжи да цвета и да го вдахновува целиот свет.“
Ватикан њуз/к.мк

