Божјото спасение влегува преку вратата на слабостите

Божјото спасение влегува преку вратата на слабостите

На Генералната аудиенција на која зборуваше за идолопоклонството, папата Фрањо истакна дека признавањето на сопствените слабости е предуслов за отворање пред Бог и за одбивање на идолот во сопственото срце.

На втората аудиенција после летниот одмор, одржана во салата Павле VI, папата Фрањо продолжи со серијата катехези за Десетте Божји заповеди, и осврнувајќи се на делот од Книгата Исход во која зборува за златното теле, повторно зборуваше за идолопоклонството.

Идоли се бараат во пустината

Веднаш се осврна на контекстот настани од библискиот дел, на пустината во која народот го чекал Мојсеј кој се искачил на гората за да добие од Бог упатства. Што е пустината? – праша Светиот Отец. Тоа е место на неизвесност и несигурност; слика за човечкиот живот чија состојба е несигурна и кој не поседува сигурна гаранција. Тоа е несигурност која – како што рече – кај човекот создава „примарни грижи“ како што е грижата за тоа што ќе јаде и пие, а што станува плодно тло за идолопоклонство.

За да ја избегне неизвесноста, незивесноста на пустината, човечката природа бара религија според начелото „направи сам“; ако Бог не се покажува, ќе го направиме сами според мерка. Пред идолот ја нема опасноста од можен повик кој бара да излеземе од сопствените несигурности, затоа што идолите „уста имаат, а не зборуваат“ (Пс 115, 5) – рече Светиот Отец наведувајќи зборови од 115 псалм. Така сфаќаме дека идолот е изговор за себе си да се ставиме во центарот на реалноста, со поклонување на делото на сопствените раце – истакна Папата.

Успехот, богатството и парите – отсекогаш се искушенија

Потребата за идол на Арон го доведува до тоа да направи теле кое тогаш било симбол на плодноста, изобилството, енергијата и силата. Го направил од злато, и со самото тоа претставувало богатство. Тие се големите идоли: успехот, моќта и парите – рече Папата и истакна: Тие искушенијата се отсекогаш! Еве што е златното теле: симболот на сите желби кои даваат привид на слобода, а напротив сведуваат на ропство затоа што идолот секогаш сведува на ропство.

Важната Божја работа е отстранување на идолопоклонството од нашето срце – истакна папата Фрањо и објасни Но, сѐ произлегува од нашата неспособност повеќе да се доверуваме на Бог, од неспособноста Нему да ги довериме своите несигурности, да Му дозволиме на желбите на нашите срца да им ја даде вистинската длабочина. Тоа овозможува да поднесуваш и слабост, несигурност и неизвесност. Ако Бог не е напрво место, лесно се паѓа во идолопоклонство и се задоволуваат слабите несигурности – истакна Папата.

Слабоста не е несреќа

Кога ќе Го прифатиме Бог Исус Христос кој заради нас стана сиромашен, откриваме дека признавањето на сопствените слабости не е несреќа за човечкиот живот, туку предуслов за отворење за Оној кој навистина е јак – рече Светиот Отец и додаде: Преку вратата на слабостите влегува Божјото спасение; заради сопствените недостатоци човекот се отвора за Божјото татковство. Човечката слобода се раѓа од тоа човекот да дозволи вистинскиот Бог да биде единствениот Бог. Тоа ни овозможува да ја прифатиме сопствената кршливост и да ги отфрлиме идолите на своето срце – рече Папата.

Во Христос нема блескава измама

Да се гледа распнатиот Христос за нас христијаните значи да признаеме дека во Него, слаб, презрен и лишен од сѐ е лицето на вистинскиот Бог, славата на љубовта, а не славата на блескавата измама – истакна потоа Папата. Нашето оздравување доаѓа од Оној кој стана сиромашен, кој прифати неуспех, кој нашата неизвесност ја презеде до крај за ја исполни со љубов и сила. Тој ни доаѓа да ни го објави Божјото татковство; во Христос нашата кршливост повеќе не е проклетство, туку место за средба со Отецот и извор на нова сила која доаѓа одозгора – рече Светиот Отец.

Света Тереза Бенедикта од Крстот, маченичк на еврејскиот и христијанскиот народ

На крајот од аудиенцијата папата Фрањо потсети на денешниот литургиски спомен на свети Доминик Гузман и спомна за утрешниот празник на света Тереза Бенедикта од Крстот Едит Штајн созаштитничка на Европа. Маченичка, жена на доследноста, жена која во чесноста и љубовта го барала Бог и жена маченичка на својот еврејски и христијански народ. Нека таа заштитничка на Европа од небесата моли и ја чува Европа – посака папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот