Во обраќањето до новинарите во Кастел Гандолфо, папата Лав повикува на „длабоко размислување“ за третманот на мигрантите во Соединетите Држави, повикува на „дијалог“ меѓу САД и Венецуела, предупредува дека мировниот договор меѓу Израел и Хамас е „многу кревок“ и изразува надеж дека судењето на поранешниот Исусовец Марко Рупник „ќе донесе јасност и правда за сите вклучени“.
Папата Лав повика на „длабоко размислување“ за третманот на мигрантите во Соединетите Американски Држави.
Зборувајќи со новинарите во Кастел Гандолфо, Папата рече дека „многу луѓе кои живееле со години“ во САД, „никогаш не предизвикувајќи проблеми“, се „длабоко погодени“ од владината политика на масовни депортации.
Многу притворени мигранти, рече тој, „се одвоени од своите семејства подолго време“ и „никој не знае што се случува“.
Папата одговараше на прашање од новинар во врска со фактот дека на католичките мигранти притворени во Чикаго им е одбиен пристап до Светата Причест.
Како одговор, Папата рече дека „улогата на Црквата е да го проповеда Евангелието“ и го истакна извештајот на евангелистот Матеј за Страшниот суд: „Исус многу јасно вели: На крајот на светот, ќе нè прашаат, како го примивте странецот? Дали го примивте и го поздравивте или не?“
Папата Лав продолжи да ја нагласува важноста на заштитата на „духовните права“ на притворените мигранти.
„Секако би ги повикал властите да им дозволат на пасторалните работници да се грижат за потребите“ на притворените мигранти, рече тој. „Многу пати тие биле одвоени од своите семејства подолго време. Никој не знае што се случува… но треба да се задоволат нивните лични духовни потреби.“
Тензиите меѓу САД и Венецуела
Во обраќањето до новинарите, одржано на мешан италијански и англиски јазик, папата Лав, исто така, изрази загриженост поради растечките тензии меѓу САД и Венецуела.
Американските маринци се распоредија во близина на венецуелските води за она што САД го опишаа како операции против наркотици, кои венецуелскиот претседател Николас Мадуро ги опиша како изговор за „наметнување промена на режимот“ со цел запленување на венецуелската нафта.
„Верувам дека насилството никогаш не носи победа“, рече папата Лав, истакнувајќи дека штотуку прочитал извештаи за воени бродови кои се приближуваат кон брегот на Венецуела. „Клучот е да се бара дијалог, да се најдат коректни начини за решавање на проблемите што може да постојат меѓу земјите.“
„Кревка“ ситуација на Блискиот Исток
Потоа папата Лав одговори на прашање за ситуацијата на Блискиот Исток, каде што договорот за прекин на огнот е загрозен од нови израелски напади и напади од доселеници врз села на Западниот Брег.
„Барем првата фаза од мировниот договор сè уште се почитува“, рече Папата, осврнувајќи се на договорот меѓу Израел и Хамас од 10 октомври, пред да признае дека примирјето е „многу кревко“.
Тој ја нагласи потребата од преминување кон „втората фаза, со која ќе се осврнеме на управувањето и ќе се осигурат правата на сите народи“.
Прашањето за израелските населби на Западниот Брег, кои се нелегални според меѓународното право, е „навистина комплексно“, рече Папата: „Израел кажува едно, но понекогаш прави друго“.
Она што е потребно, нагласи Папата, е „заедничко работење за правда за сите народи“.
Достоинството на работата
Папата Лав, исто така, се осврна на прашањето за правата на работниците пред претстојниот Јубилеј на светот на работата, за коментарите што дојдоа еден ден откако 66-годишен работник почина при делумното уривање на Торе деи Конти во Рим.
„Човеково право е да се има достоинствена работа што му овозможува да се грижи за своето семејство“, нагласи Папата.
„Црквата може толку да направи “, истакна тој, додавајќи сепак дека претстојниот Јубилеј ќе биде можност „да понудиме надеж и да се обидеме да ги обединиме нашите напори за да најдеме решенија, а не само да коментираме за проблемите“.
Актуелниот случај Рупник
Пред да се врати во Ватикан, Папата одговори на последното прашање за Марко Рупник, поранешниот Исусовец и уметник обвинет за злоставување на бројни жени, чиј случај моментално е под истрага на Дикастеријата за доктрината на верата.
Одговарајќи на прашања за уметничкото дело на Рупник, кое сè уште е изложено во многу цркви низ целиот свет, Папата рече дека „на многу места … уметничкото дело е прикриено, уметничките дела се отстранети од веб-страниците. Тој проблем е секако нешто за кое сме свесни“.
Тој потврди дека судењето во Ватикан против поранешниот Исусовец „неодамна започнало“.
„Судиите се назначени, а судските процеси имаа потреба од време“, рече папата Лав. „Знам дека е многу тешко од жртвите да се бара трпение, но Црквата мора да ги почитува правата на сите поединци. Презумпцијата на невиност сè додека не се докаже вината важи и во Црквата. Се надеваме дека овој процес ќе донесе јасност и правда за сите вклучени.“
Ватикан њуз/к.мк

