Папата до членовите на Редот на слуги на Пресвета Богородица: Бидете знак на мир и братство во свет поделен од војни
Примајќи ги на аудиенција членовите на Редот на слуги на Пресвета Богородица, или Сервити, папата Лав XIV ги покани да се вратат на своите извори за да гледаат подобро кон иднината: слушајќи го плачот на сиромашните, живеејќи го Евангелието, промовирајќи интегрална екологија и останувајќи верни на Пресвета Богородица. Марија нека ви покаже како да стоите покрај многуте крстови за да донесете утеха, помош и блискост – рече Папата.
Братство, служење и маријанска духовност – ова се трите патишта што папата Лав XIV ги посочи во понеделник, 24 ноември 2025 година, примајќи ги на аудиенција учесниците на 215. Генерално собрание на Редот на слуги на Пресвета Богородица или Сервита, кој е вдахновен од Правилото на Свети Августин. Темата на нивното собрание за оваа година е „Да бидеме слуги во поделен свет за да можеме, вреднувајќи ја различноста, да го градиме она што нè обединува“. Седум пријатели го основаа Редот на Слугите, што е речиси единствено во историјата на основањето на монашки заедници, а тие беа поврзани со силно пријателство во Христос – нагласи Светиот Отец и додаде:
Во свет како нашиот, вие сте знак на посебна задача и повик: да се живее и да се донесе братство, особено таму каде што луѓето се поделени поради конфликти, богатство, културни разлики, раса или религија. Во сите овие контексти, вие сте повикани да бидете носители на пријателство и мир, како што беа седумте свети основачи кои исто така станаа гласници на помирување и љубов во своите градови, поделени од омраза меѓу своите браќа.
Гледајќи наназад за да имам пророчки поглед на иднината
Римскиот епископ прво повика за враќање на изворите. Колку повеќе се враќаме на сопствените почетоци, толку повеќе стануваме способни за креативност и пророштво. Затоа, секогаш е потребно да се свртиме кон Евангелието, кон Правилото, кон Уставите и кон духовното наследство што го карактеризира редот, бидејќи овие извори ни даваат егзегетски клуч со кој, заедно со Светиот Дух, можете да го прочитате и протолкувате она што ви го кажува Божјото слово – нагласи Петровиот наследник.
Крикот на сиромашните
Светиот Отец ги охрабри присутните да го слушаат плачот на сиромашните како момент на благодат во кој се наоѓа смислата на она што Господ им го дал. Тој рече дека братството, служењето и посветеноста на болните, ходочесниците и сиромашните жени се три пата што овозможуваат враќање на почетокот. Искуството на служење на Бога во раните на страдалниците и живеењето според Евангелието нè води да ги сакаме и небото и земјата со ист интензитет – нагласи Петровиот наследник.
Продолжете да служите
Само со таква поврзаност произлегуваат и созреваат правилните одлуки, кои дури и денес ни дозволуваат да бидеме присутни таму каде што нашите браќа и сестри се најранети, каде што Господ нè сака – забележа Римскиот епископ и додаде:
Во оваа смисла, сакам да ве охрабрам во вашето служење на сиромашните – бегалците, затворениците, болните – како и во вашата посветеност на промовирање на интегрална екологија преку заштита на создадениот свет и луѓето на местата каде што делувате.
Маријанска духовност
Папата Лав XIV на крајот ги охрабри Сервитите да промовираат, како големи и посебни почитувачи на Богородица, побожност кон Пресвета Богородица, заснована на Божјото слово и на цврсти теолошки и црковни темели. Тој ја пофали нивната работа на Богословскиот факултет „Маријанум“ и пасторалната грижа за бројните маријански светилишта за кои се грижи Редот:
Марија, која цврсто и верно стоеше во подножјето на крстот, нека ви покаже како да стоите покрај безбројните крстови каде што Христос сè уште страда во своите браќа, за да им донесете утеха, заедништво, помош и драгоцен леб на љубовта.
Просјачкиот ред на Слугите на Пресвета Богородица, или Сервити, денес брои приближно 700 монаси на различни континенти, како и монахињи кои водат контемплативен живот во 12 манастири, монахињи во 21 конгрегации на активен живот, посветени лица и мирјани.
Ватикан њуз/к.мк

