Папата до членовите на Каритас Интернационалис: Бидете ученици мисионери, следете го Христос!
Папата Фрањо во аудиенција ги прими учесниците на Генералното собрание на Каритас Интернационалис, што се одржува во Рим од 11 до 16 мај 2023 година. Римскиот бискуп ги повика да продолжат да ја сведочат Христовата љубов кон другите и им се заблагодари за нивното неуморно милосрдие и љубов што ја даваат со активностите во целиот свет. На аудиенцијата присуствуваше и директорот на Македонски Каритас протојереј ставрофор о. д-р Зоран И. Стојанов.
Продолжете да возвраќате на Божјата љубов, рече папата Фрањо, охрабрувајќи ги членовите на претставничкиот совет и персоналот на Каритас Интернационалис во четврток, 11 мај 2023, примајќи ги во аудиенција во Ватикан.
Каритас Интернационалис е конфедерација со повеќе од 160 членови кои работат во речиси сите земји во светот. Организацијата, вдахновена од католичката вера, помага со допирајќи до сиромашните, ранливите и исклучените, без разлика на расата или верата, во градењето на свет заснован на правда и братска љубов.
Во своето обраќање Светиот Отец ја пофали нивната огромна каритативна работа на светско ниво, направена од љубов, следејќи ја Христовата љубов.
Никогаш не смееме да заборавиме дека во изворот на сите наши каритативни и општествени активности е самиот Христос, кој сакајќи ги оние што беа во светот, ги сакаше до крај, истакна папата Фрањо.
Орудие на Божјата љубов
Можеме да влеземе во радосното и неизмерно таинство на „враќање“ на благодарното сеќавање, кое нè тера да се заблагодариме на Бога што одлучивме да го насочиме погледот кон братот кој страда, кому му е потребна грижа, кому му треба нашата помош за да го најде своето достоинство како дете Божјо, им рече Папата на присутните членови.
Папата Фрањо ги поттикна да се вратат на изворот на Божјата љубов кон нас, токму затоа што идентитетот на Каритас Интернационалис директно зависи од посланието кое го прими.
Кога ја прегрнуваме Божјата љубов и кога еден со друг се сакаме во Него, навлегуваме во длабочините на нашиот идентитет, како поединци и како Црква, и доаѓаме до смислата на нашето постоење, истакна Светиот Отец.
Евхаристија
Светиот Отец зборуваше и за тоа дека Евхаристијата може да им даде сила, потсетувајќи дека во Евхаристијата е вистинското и постојано присуство на Христос кој се дава себеси за нас и кој прв нè засака без ништо да бара за возврат.
„Господ доаѓа во пресрет на човекот создаден по образ и подобие Божјо, станувајќи негов сопатник на патот“.
Евхаристијата е наменета за нас, истакна Светиот Отец и додаде: Храната и пиењето се тие што нè одржуваат на нашиот пат, нè зајакнуваат во нашиот умор, нè подигнуваат кога паѓаме и нè повикуваат слободно да прифатиме се што Бог направи за нас и нашето спасение.
Соочени со овој безусловен и изобилен дар што Христос го направи од љубов, рече Папата, мора да се запрашаме што можеме да направиме.
Можеме да влеземе во радосната и изобилна тајна на враќање, додаде тој, покажувајќи ја својата благодарност кон Бога со тоа што ќе им се обратиме на нашите браќа и сестри кои страдаат, на кои им е потребна грижа, на кои им е потребна нашата помош за да го вратат своето достоинство како синови и ќерки…
Љубов и милосрдие
Дури и најнеобичните постапки и херојските дела на великодушност, како што е давање на својот имот за помош на гладните, рече Папата, ако се прават без милосрдие, немаат никаква корист.
Љубовта, истакна Римскиот бискуп, ни ги отвора очите и ни го проширува погледот, овозможувајќи ни да го препознаеме во странецот, што поминува по нашиот пат, лицето на брат или сестра што има име, има приказна, драма на која не можеме да останеме рамнодушни.
Во светло на Божјата љубов, истакна Папата, реалноста на другиот излегува од сенка, излегува од безначајност и добива вредност, релевантност. Потребите на ближните нè предизвикуваат, нѐ мачат и во нас будат чувство на одговорност.
Важен е ставот
Светиот Отец потсети на описот на свети Павле за автентичната љубов. Милосрдието, предложи Папата, бара создавање простор за другите и свесност за сопствените ставови.
„Сакате ли да знаете дали христијанинот го живее милосрдието? Погледнете внимателно дали е подготвен да помогне бесплатно, со насмевка на лицето, без да кука и да се нервира. Милосрдието е трпеливо, а трпението е способност да се поднесуваат неочекувани искушенија, секојдневните напори, без губење на радоста и довербата во Бога. Тоа е резултат на тивката работа на духот, во која учиме да се однесуваме и да ги препознаваме нашите ограничувања“.
Светиот Отец ги поттикна да соработуваат со општата Црква во сеењето семе, навестувајќи го Евангелието со добри дела; придружување на локалните Цркви во нивното активно залагање за пасторална љубов; и давајќи пример за единство.
Додека сите ве порачувам на застапништвото на Марија, Мајката на Црквата, ве молам да се молите за мене. Молам за Господовиот благослов на вас и сите кои ве поддржуваат во вашата работа, рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк