Папата до Црквата во Кипар: Ни треба Црква која може да биде трпелива и братска

Папата до Црквата во Кипар: Ни треба Црква која може да биде трпелива и братска

Првиот настан од апостолското патување на папата Фрањо на Кипар беше средба со претставници на локалната католичка заедница.

Трпението и братството, две особини што ги поучува Црквата од Светиот апостол Варнава, беа во фокусот на првиот говор на папата Фрањо на Кипар. Пристигнувајќи на меѓународниот аеродром во Ларнака на 2 декември 2021 година, поглаварот на Католичката црква веднаш замина во Маронитската катедрала Пресвета Богородица, каде што се сретна со свештенството, монасите, катехистите и црковните водачи.

Католиците сочинуваат само 4,5% од населението на Кипар. Единствениот католички бискуп во Кипар е архиепископот Маронит. Верниците од латинскиот обред го сочинуваат мнозинството и се под јуриздикција на латинскиот патријарх во Ерусалим, претставувани од патријаршиски викар. Ерменската католичка заедница има неколку илјади верници. На островот има и украинска источно-католичка заедница.

Мултикултурното лице на Црквата

Говорејќи по поздравниот говор на маронитскиот патријарх, неговото блаженство Бшара Бутрос, кардинал Раи и сведочењето на две монахињи, папата Фрањо ја сподели со присутните радоста од посетата на оваа земја, во која пристигна како поклоник по стапките на апостол Варнава, син на овој народ. Поздравувајќи ги верниците од маронитскиот обред, Римскиот бискуп го сврте вниманието кон Либан, ветувајќи дека ќе се моли за да се надмине кризата. Обраќајќи се на верниците од латинскиот обред, ја потенцира внимателноста на нивната мултикултурност, што е одраз на „улогата на Кипар на европскиот континент“. „Нема ѕидови во Католичката црква и не треба да има: таа е заеднички дом, место на односи, таа е соживот во различноста“, рече Папата, истакнувајќи дека сака да нагласи две карактеристики на апостол Варнава.

Црква која е повикана да биде трпелива

Првата таква карактеристика е трпеливоста. Делата на светите апостоли ни покажуваат дека Варнава бил избран од ерусалимската црква како човек добар и исполнет со Дух Свети и вера за да ја посети заедницата во Антиохија, која се состоела од преообратени пагани. Таму, рече Папата, се сретнал со луѓе со различна религиозна чувствителност, а Варнава го прифатил советот да се однесува со „големо трпение“, кое вклучувало подготвеност постојано да патува, да ја прифаќа новоста без избрзано расудување, трпение за препознавање и проучување на други култури и традиции. Тој „не ја потиснува кревката вера на придојдените со строги, нефлексибилни заповеди, прекумерни барања за почитување на заповедите“, туку „ги придружува, ги фаќа за рака и води дијалог со нив“.

„Почитувани браќа и сестри, потребна ни е трпелива Црква. Црква која не дозволува да биде вознемирена и збунета од промените, туку понизно да ја прифаќа новоста и да ги разликува ситуациите во светлината на Евангелието“, рече наследникот на Свети Петар, истакнувајќи дека црквата на Кипар има отворени раце, прегрнува, интегрира и придружува, што е важна порака, исто така и за Црквата во Европа, која доживува криза на верата: не е неопходно да се биде импулсивен или агресивен, носталгичен или мрморлив, туку да се оди напред, читајќи ги знаците на времето, како и знаците на кризата. Мораме да почнеме повторно трпеливо да го навестуваме Евангелието, пред сè на новите генерации“.

Црква повикана на братство

Потоа Светиот Отец го привлече вниманието на уште една важна карактеристика на апостол Варнава – неговото братско пријателство со свети Павле. Кога учениците се посомневале во новообратениот Павле, Варнава бил тој што „го зел со себе“ и во негово име го запознал со собранието. Апостолите оделе заедно да проповедаат, а Божјото слово се раширило не само поради нивните дарови, туку пред сè затоа што „тие беа браќа во Божјо име и поради тоа братство заповедта на љубов повторно заблеска“. Подоцна, како што се случува во животот, дошло до расправија меѓу нив за понатамошната мисија, но меѓу нив немало меѓусебно негодување.

„Ова е братството во Црквата: може да се расправа за визии, за различни чувствителности и идеи. А во некои случаи, кажувањето на работите отворено во лице помага, тоа е можност за раст и промена. Но, секогаш да се потсетуваме: кога се расправаме, да не се караме еден со друг, да не го наметнуваме своето мислење, туку да го изразиме и олицетвориме животворноста на Светиот Дух, а тоа е љубовта и заедницата. Можеме да се расправаме, но да останеме браќа“, рече Папата, нагласувајќи дека ни е потребна братска црква која ќе биде „средство за братство во светот“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот