Во својата порака до Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации по повод Светскиот ден на храната 2026, папата Лав XIV повика храната да се признае како „основно човеково право“, нагласувајќи дека лебот никогаш не смее да се користи како „оружје на војната“ и повикувајќи ја меѓународната заедница да ја покаже потребната „морална смелост“ во борбата против гладот.
„Редовниот пристап до безбедна, соодветна и доволна храна, во согласност со достоинството на секој човек, е основно човеково право. Гарантирањето на ова право е обврска на правдата што ги обврзува и поединечните држави и меѓународната заедница.“
Папата Лав XIV го упати ова потсетување во пораката што ја испрати до Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, ФАО, по повод овогодишниот Светски ден на храната.
Пораката на Светиот Отец на денешната прослава ја прочита монсињор Фернандо Чика Арелано, постојан набљудувач на Светиот Престол при ФАО.
Во пораката упатена до генералниот директор на ФАО, Ку Донгју, Папата потсети дека темата на овогодишниот Ден е „Иновирајте денес. Негувајте ја утрешнината“ и ѝ се заблагодари на организацијата за нејзините напори на меѓународно ниво.
Неподносливо е лебот да се смета за „привилегија“, а водата за „спорна роба“
Папата Лав нагласи дека, и покрај тоа што технолошкиот напредок денес е поголем од кога било, „неподносливо е лебот да се смета за привилегија, а водата за спорна роба“.
Во својата порака, Светиот Отец истакна дека „гладот не може да се смета за статистичка аномалија, бидејќи главно е предизвикан од недостаток на политичка волја и колективна солидарност“ и ја критикуваше идејата дека недостигот од храна е географска неизбежност.
Тој забележа дека, иако иновациите го забрзуваат производството, дистрибуцијата честопати се занемарува.
„Пазарите на жито“, посочи Папата, „се оптимизираат на берзите, додека самите семиња што никнуваат од земјата паѓаат во рацете на монополи што го задушуваат малото земјоделство“.
Лебот не смее да биде средство за геополитички притисок или војна
Светиот Отец објасни дека обезбедувањето на прехранбените потреби на идните генерации „бара производството на храна да се ослободи од чисто шпекулативниот начин на размислување“.
„Лебот“, нагласи Папата, „не смее да биде ниту средство за геополитички притисок, ниту нестабилен финансиски инструмент. И никогаш не смее да се користи како оружје на војната.“
„Навистина“, продолжи тој, „страшно прекршување на човечкото достоинство е да се спречи лебот да стигне до кој било човек или да се уништуваат средствата со кои тој се произведува.“
Тој истакна дека лебот е скапоцен затоа што го одржува животот што ни го дарувал Бог и дека затоа мора да го надминеме искушението да размислуваме само краткорочно.
Достигната е критична точка
Светиот Отец понатаму забележа дека „митот дека растот може да биде бесконечен во свет во кој ресурсите се ограничени“ достигнал „критична точка“.
Денес, нагласи Папата, иновацијата бара да се усвои чувство на меѓугенерациска одговорност што гледа подалеку од годишните буџети.
Иновацијата, продолжи тој, „значи усогласување на технологијата со мудроста, вклучително и со мудроста на предците, а истовремено и задржување на погледот насочен кон иднината“.
„Не станува збор за отфрлање на технолошкиот напредок“, рече папата Лав, „туку за негово интегрирање со мудроста на земјоделците, кои низ векови внимателно набљудување го продлабочувале своето разбирање за почвата и климата“.
Тој додаде дека тоа подразбира и заштита на водата како неотуѓиво општо добро.
ФАО да продолжи да придонесува за универзалното општо добро
Во пораката, Папата ја охрабри Организацијата за храна и земјоделство и нејзините земји-членки „да не се задоволуваат со апстрактни анализи или декларации со ограничена ефикасност“.
„Сега е време за морална смелост“, рече тој, нагласувајќи дека „неопходен е нов глобален поредок во областа на исхраната, во кој технолошката иновација безусловно ќе биде подредена на почитувањето на од Бога даденото човечко достоинство и на универзалното општо добро“.
Папата понатаму истакна дека постои „итен етички императив ресурсите што се вложуваат во воената индустрија да се пренасочат кон одржливи земјоделски истражувања и обновување на деградираните почви“.
Храброст да им се спротивставиме на неетичките иновации
Утрешнината, рече Светиот Отец, не е „апстрактен временски период што пасивно нè очекува“. Напротив, нагласи тој, „таа е жетвата на она што денес го сееме преку нашите одлуки“.
„Ако сееме неетичка иновација заснована врз желбата да владееме со земјата и да ги исклучуваме слабите“, рече тој, „ќе жнееме неплодност и раздор“.
„Од друга страна“, забележа Папата, „ако иновацијата произлегува од почитувањето на природниот поредок и од правдата кон гладните, утрешнината ќе донесе богато поставена трпеза за целото човештво“.
Ватикан њуз/к.мк

