Папата Фрањо на 85 годишнината од изградбата на Папскиот украински колегиј Свети Јозафат во Рим, на 9 ноември 2017 година, во Ватикан се сретна со претставници на таа заедница. Повикувајќи ги да ја љубат и чуват својата традиција, Папата ги поттикна исто така да избегнуваат било каков облик на секташтво.
Го поздравувам кардинал Сандри, префект на Конгрегацијата за Источни Цркви, и превозвишениот Васил, секретар, кој е поранешен студент на оваа установа. Од срце му благодарам на ректорот за воведните зборови.
Ова наша средба се одржува 85 години по изградбата на вашиот колегиј на ридот Џаниколо, по желба на папата Пио XI. Тој станал промотор на иницијативата која ја покажала посебната и конкретна грижа на наследникот на апостол Петар за верниците на Црквата кои доаѓаат од подрчја на страдање и прогонства, на тој начин да можат да се почувствуваат овде во Рим како сакани деца, кои живеат и растат во еден дом, подготвувајќи се за апостолската мисија како ѓакони и свештеници.
Во годините на својот понтификат папата Пио XI морал да се соочи со многу важни предизвици од тоа време, но секогаш го дигал својот глас постојан во одбрана на верата, слободата на Црквата и трансценденталното достоинство на секој човек. Јасно ги осудувал, во своите говори и писма, атеистичките и нечовечки идеологии кои го раскрварија XX век. (…) Ве повикувам вас како идни свештеници да ја проучувате социјалната наука на Црквата, за да сте зрели во расудување и пресудувањето на општествените реалности во кои ќе бидете повикани да делувате.
И денес светот е ранет од војни и насилство. На посебен начин во вашата мила Украина од која доаѓате и во која ќе се вратите по завршувањето на студиите во Рим, се живее воената драма која раѓа големо страдање, посебно во нападнатите подрачја кои сѐ уште поранливи заради острата зима која се приближува. Силен е стремежот за правда и мир, кој ги осудува сите облици на повреда на должноста, општествената или политичката корупција, реалноста во која најмногу плаќаат сиромашните. Нека Господ ги поддржи и охрабри оние кои се залагаат за создавање на поправедно и посолидарно општество. Тие треба да бидат делотворно поддржани со вистинско делување на Црквата, верниците и сите луѓе со добра волја.
На Вас, богословите и свештениците од Источната католичка Црква во Украина, тие предизивици можат да ви изгледаат надвор од вашиот досег, но сетете се на зборовите на апостол Иван: „ Ви пишувам, чеда, зашто го победивте лукавиот (…) словото Божјо пребива во вас“ (1Иван 2, 13, 14). Љубејќи и навестувајќи го Словото ќе станете вистински пастири на заедницата која ќе ви биде доверена и таа ќе биде светилка која ќе свети во вашето срце и во вашиот дом, додека се подготвувате за свештенство во целибат или пак во брак според традицијата на вашата Црква.
Од ридот Џанаколо можете да уживате во прекрасниот поглед на Рим, а можеби пред неколку денови, по еден обилен дожд го набљудувавте виножитото на небото, кога сонцето ги распрсна најгустите облаци. Ве повикувам на сличен начин да правите така што вашето срце ќе се рашири и да има што поголемо видно поле, кое ќе го вклучи целиот свет, по кој многу синови и ќерки од Украина си заминале во текот на вековите. Љубете и чувајте ја својата традиција, но избегнувајте било каков облик на секташтво. Чувајте го секогаш, во земјата и во странство сонот за сојуз со Бог и човештвото, за мостовите кои како зрак светлина над облакот го помируваат небото и земјата и бараат луѓето на земјата да научат да сакаат и да се почитуваат едни со други, отфрлајќи го оружјето, војните и секој вид на насилство.
Ако така живеете и ги поучувате другите, посебно врз основа на екуменскиот дијалог, сигурен сум дека од небесната татковина ќе ви се насмевнуваат и поддржуваат сите епископи и свештеници – некои од нив биле и воспитани во вашиот колегиј– а кои го дале животот или биле прогонети заради верноста на Христос и Светиот Престол. А најмногу ќе се радува Пресветата Девица Марија Мајка Божја која толку многу се чествува во вашето национално светилиште Сарванизја. Таа сака свештениците на нејзиниот Син да бидат како запалени факели во текот на бдението во тоа светилиште, потсетувајќи го секого, особено сиромашните и оние кои страдаат, но и оние кои прават зло и сеат насилство и уништување, дека „народот кој одел во темнина, виде светлина, оние кои живееја во темнина ги озари светлина“ (Исаија, 9,1). Исто така и јас чувам и чествувам една мала украинска икона на Пресвета Богородица Нежна, која е дар од вашиот архиепископ уште додека бевме заедно во Буенос Аирес. Ве придружувам со својот благослов, повикувајќи на мир и екуменска хармонија во Украина. А вас ве молам да не заборавите да се молете за мене.
РВ/к.мк