Папата Фрањо вопеток 18 декември 2020 година прими група студенти по теологија од германско говорно подрачје и во таа прилика го истакна важниот придонес на религиите во изградбата на братско и праведно општество.
Вие сте сведоци за тоа колку е важен Бог во животот и исполнетоста која ја дава живеената вера, во свет каде се чини дека сè помалку има место за религијата – со тие зборови папата Фрањо се обрати на група од околу 30 млади од германско говорно подрачје, студенти на Теолошката академска година („Theologisches Studienjahr“) во Ерусалим.
Теолошката академска година е можност студентите по католичка и протестантска теологија да ги запознаат библиските места и да се сретнат со Источните цркви, како и со еврејскиот и муслиманскиот свет. Поради пандемијата, годинашната студиска програма не се одржува за првпат во Светата Земја, туку во Рим, на Папскиот универзитет Свети Анселм.
Иако оваа година не можат да го доживеат искуството на Светата Земја, наоѓајќи се како во „егзил“, како што рече бенедиктинецот, отец Никодим Шнабел – раководител на студиите, Папата сепак ги охрабри темелно да ги проучуваат Светото Писмо, екуменизмот и меѓурелигискиот дијалог, што е посебна карактеристика на нивната програма. Тој истакна дека во оваа смисла и градот Рим нуди можности.
„Ваша задача ќе биде да влезете во дијалог со светот во кој се чини дека има сè помалку простор за религијата“ – рече папата Фрањо, додавајќи: „Оваа задача ја споделуваме со сите верници од различните религии, знаејќи дека е добро за нашите општества Бог да биде присутен во нив. Убедени сме дека религиите даваат значаен придонес во изградбата на братство и заштита на праведноста во општеството. Од друга страна пак сметаме дека кога од разни причини, Бог ќе го исклучиме од општеството, на крајот се поклонуваме на идоли, па човекот многу брзо се губи себеси.
Затоа Папата посака нивната студија да биде важна фаза во нивниот образовен, духовен и човечки пат и наскоро да можат да ја запознаат „Ветената земја“, светите места на Библијата. Споменувајќи го претстојниот Божиќен празник, папата Фрањо истакна дека во духот сите ќе бидеме поклоници во Витлеемската пештера и ги охрабри студентите да бидат сведоци на „Бог со нас.
Ватикан њуз/к.мк