Папата Лав XIV ги повика студентите кои учествуваат на Јубилејот на образованието да работат за подобро општество преку образованието, кое го нарече „една од најубавите и најмоќните алатки за промена на светот“.
Продолжувајќи ја серијата настани што траат цела недела во рамките на Јубилејот на светот на образованието, папата Лав XIV во четврток 30 октомври 2025 година се сретна со студентите во салата за аудиенции „Павле VI“. Своето обраќање го започна изразувајќи радост и благодарност за овој настан, бидејќи го потсети на времето кога предаваше математика на младите студенти.
Папата најпрво се потсети на примерот на неодамна канонизираниот италијански студент Пјер Џорџо Фрасати и на неговите две мотоа: „Да се живее без вера не е живеење, туку едноставно преживување“ и „До височините“. Потоа, папата Лав им порача на младите: „Имајте храброст да го живеете животот до максимум.“
Тој нагласи дека не треба да се задоволуваат со трендови, изглед или минливи задоволства, туку да „копнеат по нешто поголемо“. Ова, рече тој, е желбата на младите кои се надеваат и градат подобро општество. Поради тоа, ги повика да се стремат „кон височините“, како светилници на надежта.
„Колку би било прекрасно еден ден вашата генерација да биде запаметена како генерација плус, позната по дополнителниот поттик што го донесе во Црквата и во светот“, рече Папата. Но тој исто така предупреди дека оваа желба не смее да остане само сон. Одговорот, објасни тој, се наоѓа во образованието — „една од најубавите и најмоќните алатки за промена на светот“.
Нова сезона на образование
Светиот Отец потсети дека неговиот претходник, папата Фрањо, во 2020 година го започна проектот Глобален договор за образование, посветен на вклучување на младите генерации во глобалното братство. Тој им порача на студентите дека не се само приматели на образование, туку и негови протагонисти.
Затоа, ги повика да започнат „нов период во образованието“, во кој сите ќе станат сведоци на вистината и мирот. Но тоа, рече, не можат да го направат сами — треба да ги вклучат своите пријатели во потрагата по вистината и изградбата на мирот.
За да ги охрабри во оваа мисија, Папата повика на размислувањето на свети Џон Хенри Њуман, кој рекол дека „знаењето расте кога се споделува, и дека преку разговорот на мислите се разгорува пламенот на вистината“.
Како ѕвездите на небото, објасни Папата, вистинскиот мир се постигнува кога многу луѓе се здружуваат и создаваат заеднички образец. „Работејќи заедно, можеме да формираме образовни соѕвездија кои ќе го осветлат патот напред“, рече тој.
Погледнете кон ѕвездите
Размислувајќи за ѕвездите, Папата потсети дека низ историјата луѓето ги користеле како водичи — од морнарите до Полинезијците, од земјоделците во Андите до мудреците кои го следеле Христовото раѓање.
Како и нашите предци, истакна тој, и ние имаме ѕвезди што нè водат: родителите, професорите, свештениците и пријателите. Тие ни помагаат да останеме на вистинскиот пат низ предизвиците на животот. За возврат, сите сме повикани да бидеме „светли сведоци“ за оние околу нас. Сами сме како поединечни ѕвезди, но заедно формираме соѕвездие.
„Образованието е пат што ги зближува луѓето,“ рече тој. „Тоа нè охрабрува да гледаме кон небото, нагоре и повисоко. Тоа е алатка што ни помага да погледнеме подалеку и да видиме она што инаку не би го забележале.“
Затоа, наместо да гледаме постојано во телефоните, Светиот Отец ги повика студентите да го подигнат погледот — „да гледаат кон небото, кон височините“.
Создадени сме за многу повеќе
Враќајќи се на Глобалниот договор за образование, Папата потсети дека самите млади го предложиле првиот нов предизвик во проектот: „Помогнете ни да се образуваме за внатрешниот живот.“ Тој истакна дека не е доволно да се има огромно знаење, ако не знаеме кои сме и која е смислата на животот.
„Без тишина, без слушање, без молитва, дури и светлината на ѕвездите згаснува,“ рече тој. Многумина, нагласи, чувствуваат празнина или немир во различни облици — преку насилство, малтретирање или угнетување. Зад тоа стои, додаде Папата, „празнина создадена од општество кое заборавило да ја негува духовната димензија на човекот, фокусирајќи се само на технички, социјални или морални аспекти“.
Папата се осврна на делото на свети Августин, Исповеди, како пример за внатрешно образование. „Мораме да го слушаме својот немир, да не бегаме од него и да не ја пополнуваме празнината со минливи работи. Не сме создадени за малку — создадени сме за многу повеќе.“
Образованието во дигиталниот свет
Вториот нов образовен предизвик, рече Папата, е дигиталното образование — област во која младите се веќе вистински наставници. Но, предупреди тој, треба да бидат претпазливи: „Живееме во дигитален свет, но не смееме да дозволиме технологијата да ја пишува нашата приказна, ниту да нè искористува.“
Осврнувајќи се на прашањето на вештачката интелигенција, Папата нагласи дека иако таа е „интелигентна“, ние сме тие што мора да ја користиме — и тоа хумано. „Треба да научиме да го хуманизираме дигиталното, градејќи го како простор на братство и креативност, а не како место на затвореност, зависност или бегство.“ Во овој контекст, го спомна животот на свети Карло Акутис како пример за светост во ерата на технологијата.
Мир и образование
Третиот предизвик од проектот на папата Фрањо е образованието за мир – предизвикот „во срцето на новиот Глобален договор за образование“. Папата рече дека имаме моќ да ја промениме иднината, која денес е загрозена од војни, омраза и поделби. Одговорот е едноставен: „Образование за мир кое е разоружано и разоружувачко.“
Но тоа не значи само запирање на оружјето, објасни тој. „Мора да ги разоружаме срцата, да се откажеме од секое насилство и вулгарност.“ Таквото образование создава еднаквост и раст за сите, го признава достоинството на секој човек и ги надминува поделбите.
На крајот, Папата Лав ги повика сите присутни најнапред да станат миротворци во својот секојдневен живот. „Не барајте ѕвезди што паѓаат,“ рече тој. „Гледајте повисоко — кон Исус Христос, Сонцето на правдата, кое секогаш ќе ве води по патеките на животот.“
Ватикан њуз/к.мк

