Папата Фрањо ги охрабри свештениците од надбискупијата во Барселона кои се вклучени во пасторалната грижа за младите да одговорат на Исусовиот повик, почнувајќи од сопственото сиромаштво и кревкост, отфрлајќи го двојниот живот и световните задоволства и сведочејќи за милоста Господова, не држејќи лекции
Сведочете за искуството на Божјата милост без да бидете на катедра, барајќи братство во сите општествени кругови – ова е двојното охрабрување што го даде папата Фрањо, поздравувајќи околу 70 свештеници на надбискупијата Барселона кои се вклучени во пасторалната грижа за млади, а кои ги прими во сабота 28 јануари 2023 година во аудиенција. Искуството на апостолите – според Папата – секогаш има двоен аспект: личен и заеднички.
Места на повик
Сиромаштвото и личната слабост се места од кои треба да тргнеме за да одговориме на Исусовиот повик со постојана намера за преобраќање – рече Папата и нагласи:
Да го отфрлиме кариеризмот, двојниот живот, барањето световни задоволства, прифаќајќи го крстот и посредништвото на Црквата: Светите Тајни, молитвениот живот, аскезата итн. Во исто време, треба да бидеме способни за милосрдие токму затоа што сме допрени од Господовата милост, не со држење лекции, туку сведочејќи за искуството на близината со Бога.
Поединци и браќа
Повикани сме поединечно – истакна Папата – но секогаш да бидеме дел од поголема група, за да одиме заедно, слушајќи пред да зборуваме, да знаеме како да се поставиме таму каде што е соодветно, исто така и во средина или назад, не само напред. Но, никогаш не заборавајте на димензијата на братството:
Да научиме и другите да ги научиме да прифаќаат сè, да работат со секого, да бараат консензуални решенија кои имаат широк опсег. Никогаш не смееме да се затвораме, ниту во христијанската група на која припаѓаме, ниту во одговорноста што ни е доверена, туку треба да живееме со слободен дух, во здрава ненаврзаност.
Ватикан њуз/к.мк
Број на статија и слика: 12645