Папата до Римската курија: Само оние кои љубат не престануваат да чекорат кон вистината

Папата до Римската курија: Само оние кои љубат не престануваат да чекорат кон вистината

Во традиционалниот божиќен говор, Папата размислуваше за три збора кои мора да ја сочинуваат суштината на посланието на оние кои работат во служба на универзалната Црква: да слушаат како Марија „на колена“, да распознаваат како Иван Крстител оставајќи место за Бог далеку од предрасудите, да чекорат како тројцата мудреци без да се изгубат во лавиринтите на ригидноста и просечноста

Кога постои опасност службата што ја извршуваме да стане рамна, кога се движиме како во лавиринт, во ригидност или просечност, кога ќе се најдеме заплеткани во мрежите на бирократијата и „преживувањето“, треба да ги подигнеме очите и да почнеме повторно од Бога, да му дозволиме да нè просветли неговото Слово, за да можеме секогаш да наоѓаме храброст за нов почеток. Папата Фрањо ова го истакна на 21 декември 2023 година, на средбата со своите најдиректни соработници во Римската курија по повод Божиќ, како и секоја година, и засновајќи ја својата честитка на три збора – слушај, препознај, оди – и на неологизмот „лавиринт“ кој станува мерило за проверка како се служи на Евангелието.

Марија, жената која слуша на колена

Папата Фрањо ги персонифицира тие зборови со три главни лика од историјата на спасението, веднаш потсетувајќи дека колевката на светот во која е роден Исус оваа година е опкружена со рани на насилство и војна, „епохални опасности“ вклучително и климатските промени, сиромаштија, страдање и глад.

Првиот лик кој остварува идеално „слушање“ е Марија. Слушањето е секогаш почеток на патување – рече Папата – ако тоа се прави со срце како Исусовата мајка; таа, која на навестувањето на ангелот се вклучи со расположливост за Бог, кој ја избрал, го слуша „на колена“ – рече тој и нагласи:

Слушањето „на колена“ е најдобриот начин вистински да се слуша, бидејќи тоа значи дека не сме во позиција на некој што мисли дека веќе знае сè, некој што веќе ги протолкувал работите уште пред да ги слушне, или некој што гледа од високо (. ..) Едно е едноставно да се слушне, а друго е слушање, што значи и „внатре да се прифати“.

Ваквото слушање – продолжи Римскиот бискуп – знае да создаде внатрешен простор за зборовите на другиот, избегнувајќи да станеме како грабливи волци кои се обидуваат веднаш да ги проголтаат зборовите на другиот, всушност не слушајќи ги и веднаш ги опсипуваме со нашите впечатоци и судови. Напротив, за да се слушаме, потребна ни е внатрешна тишина, но и простор на тишина помеѓу слушањето и одговарањето. Прво се слуша, па молчешкум се прифаќа, размислува, толкува, па дури потоа можеме да дадеме одговор. Сето тоа се учи во молитва и во тишина контемплирајќи – рече Папата и истакна: Затоа итно е потребно да се обнови контемплативниот дух, кој ни овозможува секој ден одново да откриваме дека сме чувари на доброто што го персонифицира кое очовечува, што ни помага да живееме нов живот.

Иван Крстител, скромно расудување

Симболичниот лик на вториот збор, „расудување“, за папата Фрањо е Иван Крстител. Тој потсети дека кога Исус ја започна својата служба, неговиот претеча доживува драматична криза на верата, бидејќи очекуваниот Месија не изгледа како моќниот и доминантен Бог што тој го замислувал. Затоа Крстителот од затвор испраќа ученици да го прашаат Исус дали тој е спасителот; односно се обидува да разбере, да расудува.

За нас е важно расудувањето, таа уметност на духовниот живот која нè лишува од верувањето дека веќе знаеме сè, опасноста да мислиме дека е доволно да ги применуваме правилата, искушението да продолжиме, дури и во животот на куријата, едноставно со повторување на шаблоните, не обрнувајќи внимание на тоа дека Божјото таинство секогаш надминува сѐ и дека животот на луѓето и реалноста што не опкружува се и секогаш остануваат над идеите и теориите.

Тројца мудреци, водени од Бога и надвор од лавиринтот

Како трет пример за третиот глагол „одење“, папата Фрањо ги спомна тројцата мудреци. Радоста на Евангелието, кога вистински ќе го прифатиме, во нас започнува движење за наследување – истакна Папата – поттикнувајќи вистински егзодус од нас самите. Тука доаѓа до израз опасноста и искушението на „лавиринтот“, она талкање во круг – како што рече – во нашите огради и стравови кои и штетат на службата на која сме повикани да ја вршиме за Црквата и за целиот свет.

Затоа, кога службата што ја вршиме ризикува да стане рамна, да „лавиринтираме“ во ригидност или просечност, кога ќе се најдеме заплеткани во мрежите на бирократијата и „преживувањето“, да се сетиме да го подигнеме погледот, повторно да почнеме од Бога, да дозволиме да нѐ просветли неговото Слово, секогаш да наоѓаме храброст да почнеме одново. И да не заборавиме дека од лавиринтот може да се излезе само „одозгора“.

На крај, одењето бара храброст, за да се продолжи понатаму. Тоа е прашање на љубов. За љубовта е потребна храброст – рече папата Фрањо и ги спомна мислите на еден свештеник кој рече дека е тешко повторно да се разгори жарот под пепелта на Црквата. Денешниот напор – според папата Фрањо – е да се пренесе восхитот на оние кои одамна го изгубиле.

Шеесет години по Соборот, се уште се расправа за поделба на „прогресивни“ и „конзервативни“, додека главната разлика е меѓу „вљубени“ и „навикнати“. Тоа е разликата. Одат само оние кои љубат.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот