На крајот од меѓународниот конгрес за формација на свештениците, во организација на Конгрегацијата за клерици, Светиот Отец Фрањо се обрати до учесниците велејќи дека свештеничката формација е одлучувачка за посланието на Црката.
Обнова на верата и идни духовни звања се можни само ако имаме добро формирани свештеници.
Формацијата на свештениците зависи во прв ред од делувањето Божјо во нашите животи, а не од нашите активности. Тоа е дело кое бара храброст за да се препуштиме да нè обликува Господ, за да го преобрази нашето срце и нашиот живот, истакна Папата, продолжувајќи дека таа формација не може да се реши со продлабочување на културата и дека не може да биде само локална иницијатива. Бог е трпелив и милосрден Создател на нашата свештеничка формација и како што стои во документот Ratio Fundamentalis, таа работа трае цел живот.
Секој ден откриваме – со свети Павле – дека „таа ризница ја носиме во глинени садови, та преизобилната сила да Му се оддава на Бога, а не нам.“ (2 Кор 4, 7) и кога ќе се откажеме од нашите комотни обичаи, нашите тврди замислености, дека тоа веќе сме го постигнале и кога ќе се ставиме во присуството Господово, Тој може да продолжи со својата работа со нас, да нè обликува и преобликува, истакна Светиот Отец.
Силно мораме да кажеме дека оној кој не дозволува Господ да го гради секој ден, станува еден безживотен свештеник кој влегува во служба по инерција, без воодушевување за Евангелието, без воодушевување за народот Божји. Меѓутоа свештеникот кој од ден на ден се доверува во рацете на Грнчарот, го чува воодушевувањето во срцето, ја прима со радост свежината на Евангелието, зборува со зборови кои го допираат животот на луѓето.
Друга важна димензија е секој од нас свештениците е повикан да соработува со божествениот Грнчар! Ние не сме само глина, потсети Светиот Отец, туку исто така и помошници на Грнчарот и соработници за неговите милости. Во свештеничката формација, во она почетната и она постојаната, рече папата Фрањо, можеме да препознаеме барем три фактори кои се наоѓаат во „продавницата на Грнчарот.“
Првиот и главен е самиот свештеник, бидејќи е одговорен за сопствената постојана формација. Ние дозволуваме Бог да нè обликува и да ги преземеме истите чувства на Исус Христос кога не се затвораме во претпоставката дека веќе сме довршено дело, туку дозволуваме да нè води Господ, станувајќи секој ден сѐ повеќе негови ученици. За навистина да си учесник во сопственото градење, семинаристот, богословот или свештеникот мора навистина да кажат многу „ДА“ и „НЕ“.
Пред вревата која ја создаваат човечките амбиции, ќе дадеш предност на тишината и молитвата; повеќе од потпирањето на сопствените напори, ќе знаеш да се препуштиш во рацете на Грнчарот и во неговата провидоносна досетливост; повеќе од она што веќе порано си го научил; ќе дозволиш да те води здравиот немир на срцето, за да ја насочиш својата сопствена несовршеност кон радоста на средбата со Бог и браќата.
Наместо затворање, ќе бараш пријателство со браќата во свештенството и блиските луѓе, знаејќи дека неговото звање се раѓа од средбата со љубовта: она средба со Исус и онаа со Божјиот народ.
Вториот фактор се воспитувачите и епископите. Звањето се раѓа, расте и развива во Црквата. На тој начин рацете Господи го обликуваат тој глинен сад, делувајќи преку грижата за оние кои се во Црквата повикани да бидат први воспитувачи за свештеничкиот живот: ректорот, духовниот водач, воспитувачот, оние кои се занимаваат со постојана формација на клерот, а над сите, епископот, кој документот Ratio Fundamentalis, оправдано го дефинира како „главен и одговорен за примањето во семинаријата и за формацијата на свештеникот.
Уште еден фактор е Божјиот народ кој не смееме никогаш да го заборавиме, рече Светиот Отец: луѓето со своите маки, прашања и потреби се голема структура која го обликуваат нашето свештенство. Кога ќе излеземе пред Божјиот народ и дозволиме да нè обликуваат неговите очекувања, допирајќи ги неговите рани, стануваме свесни дека Господ го преобликува нашиот живот. (…)
И покрај недоразбирањата и спротивставувањата, ако одиме со народот ќе сфатиме дека тој е способен да прави изворедни гестови кон своите свештеници, а тоа е првото училиште за човечка, духовна, интелектуална и пасторална формација.
Завршувајќи, Светиот Отец рече дека свештеникот се формира, бегајќи од духовноста која е безживотна и од друга страна избегнувајќи дела кои припаѓаат само на овој свет и го немаат во себе Бог. И на крајот Папата заврши дека сите мораме да си го поставиме прашањето: Каков свештеник сакам да бидам? Свештеник кој бара удобност или ученик мисионер во кој гори срцето за Учителот и за народот Божји?
РВ/к.мк