Папата до претставниците на религиите во Шри Ланка: Почит кон другите религии

Дојдов да искажам голема љубов и грижа на Католичката Црква во Шри Ланка. Посебна милост е да можеш да ја посетиш месната католичка заедница и да ја зацврстиш во христијанската вера, заедно да молиш и да ја споделиш радоста и страдањето. Исто така е милост да се биде со сите вас, луѓе на големи верски традиции, кои со нас го делат стремежот кон мудроста, вистината и светоста – рече папата Фрањо по повод меѓурелигиската и екуменската средба во Коломбо, во склоп на својата апостолска посета на Шри Ланка.

Средбата – која според локалното време се одржа во вечерните часови – присуствуваа претставниците на најголемите религиски групи во островската држава: будисти (кои сочинуваат 70% од населението), хиндуси (12,6%), муслимани (9,7%) и разни христијански заедници (9,7% од кои најголемиот дел се католици со 7,2% од населението)

На Вториот ватикански собор, Католичката Црква го изрази своето длабоко и постојано почитување кон другите религии, истакнувајќи дека „не отфрла ништо од она што во тие религии е вистинито и свето. Со искрена почит ги гледа и начините на делување и живеење и заповедите и науките (кои иако во многу се разликуваат од она што самата го држи и научува, сепак неретко одразуваат зрак на она вистина што ги просветлува сите луѓе).“ Од своја страна – рече Папата – сакам да ја потврдам искрената почит на Црквата кон вас, вашата традиција и верување.

Во тој дух – продолжи Светиот Отец – Католичката Црква сака да соработува со вас и со сите луѓе со добра волја, барајќи го доброто на сите жители на Шри Ланка. Се надевам дека мојата посета ќе ги охрабри и продлабочи разните облици на меѓурелигиска и екуменска соработка, преземени последните години.

Искуството покажува дека ефективениот дијалог и средба мора да бидат вкоренети во полно и искрено претставување на сопствените уверувања. Сигурно, таквиот дијалог ќе ги истакне разликите на нашите уверувања, предание и пракса, но, ако сме искрени во нивното преставување ќе можеме јасно да го видиме она што е заедничко; она што ќе отвори нови патишта на меѓусебно почитување, соработка и пријателство – рече папата Фрањо.

Таквите позитивни промени во меѓурелигиските и екуменските односи посебно се важни за Шри Ланка, по повеќегодишната граѓанска војна и насилство. Она што сега е потребно – нагласи Папата – е лекување и единство, а не понатамошни конфликти и поделби. „Се надевам дека меѓурелигиската и екуменската соработка ќе покаже дека луѓето не мора да го напуштат својот идентитет – било етнички, било верски – за да живеат во хармонија со своите браќа и сестри.

Меѓу бројните облици за таква соработка папата Фрањо ја истакна работата за сиромашните и оние во тешка ситуација како и за луѓето кои се жедни за зборови на утеха и надеж – семејства кои сеуште тагуваат за загубата на своите сакани. Нека духот на соработка меѓу водачите на различните верски заедници се покаже во посветената работа, помирувањето меѓу сите жители на Шри Ланка да се стави во центарот на секое настојување за обнова на општеството – порача Папата. Заради мирот верските уверување никогаш не смеат да се злоупотребат во цели на насилство и војна. Треба да бидеме јасни и недвосмислени во барањето од нашите заедници во полнина да живеат според начелата на мирот и соживотот содржани во секоја религија и во осуда на чинот на насилство – нагласи Светиот Отец, заблагодарувајќи уште еднаш на присутните претставници на религиските заедници и изразувајќи надеж дека ова „братска средба“ сите ќеги зацврсти во напорите за хармоничен соживот и ширење на „благословот на мирот“.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот