Папата до монасите и монахињите: Чувајте се од искушението „преживување“

Папата до монасите и монахињите: Чувајте се од искушението „преживување“

Искушението кое посветениот живот може да го направи бесплоден е искушението на „преживување“, кое нѐ поттикнува да се заштитиме на штета на сопствените соништа– порача папата Фрањо на светата Литургија по повод празникот Сретение Господово.

Искушението кое посветениот живот може да го направи бесплоден е искушението на „преживување“, кое нѐ поттикнува да се заштитиме на штета на сопствените соништа – порача папата Фрањо за време на проповедта на светата Литургија во базиликата Свети Петар по повод празникот Сретение Господово или Свеќница. Воедно на 2 февруари 2017 година се одбележа и 21. Светски ден на посветениот живот.

Светиот Отец потсети дека празникот Сретение Господово ни покажува како средбата на Бог со Неговиот народ донесува радост и ја обновува надежта. „Единствено тоа ќе ја поправи нашата радост и надеж, единствено тоа ќе нѐ спаси од живеење во менталитет на преживување. Единствено тоа ќе ги направи нашите животи плодни и ќе го одржи нашето срце во живот: ставајќи го Исус каде што му е местото – среде Неговиот народ,“ рече Папата.

Во тек е мултикултурна преобразба и поради тоа е важно посветените лица да бидат со Исус вметнати во животот, во срцето на тие големи промени – рече Папата и додаде дека посветените лица се повикани да бидат квасецот на тоа тесто – во согласност со харизмата на својата заедница. За да го остварат тоа, не смеат да паднат во одбранбен став, ниту да бидат мотивирани од стравот.

„Да се стави Исуса среде неговиот народ значи да се има контемплативно срце“, продолжи Светиот Отец, „срце способно да препознае како Бог оди по улиците на нашите градови и во нашето соседство. Да се стави Исуса среде неговиот народ значи да се земе и да се носи крстот на нашите браќа и сестри. Тоа значи да сакаш да ги допираш Исусовите рани во раните на светот кој е во болки, кој копнее и плаче за исцеление. Постави се заедно со Исус среде неговиот народ!“, рече Папата, додавајќи тоа да не го прават како некои верски „активисти“, туку како мажи и жени на кои постојано им се простува и кои се повикани да ја споделат Божјата утеха со другите.

Папата Фрањо предупреди на „искушението“ кое посветениот живот може да го направи бесплоден – искушението „преживување“. „Тој менталитет нѐ прави реакционери, исплашени, и полека и тивко да се затвораме во своите домови и шеми. Тоа искушение на преживување нѐ принудува да гледаме во изминатите денови на славата. И наместо повторно да ја запалиме пророчката креативност која се родила од соништата на нашите основачи, ние претпочитаме да бараме оправданија за да ги избегнеме современите предизвици,“ рече Папата.

Светиот Отец смета дека менталитетот на преживувањето ја намалува силата на харизмата на заедницата затоа што тоа води до фактот дека се „одомаќинува“ одземајќи ѝ ја изворната креативна сила. Тоа искушение нѐ принудува да ги штитиме просториите, зградите и структурите, и ни пречи за поттикнување на нови иницијативи. Менталитетот на преживување доведува до тоа да ја заборавиме благодатта; нѐ прави стручњаци за светото, но не татковци, мајки, браќа или сестри и надеж која сме повикани пророчки да ја навестуваме – рече Папата и продолжи:

„Во клима на преживување венат срцата на нашите стари, одземајќи им ја способноста за сонување. На тој начин се онеспособува пророштвото кое нашите млади се повикани да го навестат и остварат. Накратко, искушението на преживување превртува нешто што Господ го претставува како можност за послание во нешто опасно, потенцијално катастрофално. И макар што овој став не е ограничен само на лицата со посветен живот, ние на посебен начин сме повикани да внимаваме да не паднеме во таа замка.“

„За лицата со посветен живот да се заштитат од тоа искушение, потребно е да се присетат на „соништата“ на основачите и храброст пророчки да ги носат тие „соништа“ напред. Монасите и монахињите се повикани да бидат „наследници на надежта“ на своите основачи. Симон и Ана со својата песна го сведочат фактот дека „вреди да се живее во надежта затоа што Господ ги одржува своите ветувања.“

„Да бидеме со Исус додека оди во пресрет на народот“, продолжи Папата, „за да бидеме среде својот народ. Да одиме напред, без приговарање или вознемиреност за оние кои заборавиле да пророкуваат затоа што не ги преземале соништата на своите основачи; да одиме напред со фалоспев.“ Да одиме напред, „не со страв, туку со трпение на оние кои се доверуваат на Духот, Господ, соништата и пророштвата. На тој начин го делиме она што е вистински наше: фалоспев кој се раѓа од надежта,“ рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот