На отворањето на Јубилејот на младите, Светиот Отец ги поздрави на плоштадот Свети Петар, повикувајќи ги на молитва за мир: „Да одиме заедно со нашата вера во Исус Христос“.
Во вторник вечерта, 29 јули 2025 година, папата Лав XIV ги пречека младите во Рим по повод Јубилејот на млади. По светата Литургија за добредојде на плоштадот Свети Петар, која ја предводеше монсињор Рино Физикела, пропрефект на Дикастеријата за евангелизација, Светиот Отец направи неколку обиколки околу плоштадот со папамобилот поздравувајќи ги присутните верници.
Светиот Отец им напомена на младите ходочесници дека тие се „солта на земјата, светлината на светот“.
„Вие сте солта на земјата, светлината на светот! И денес вашите гласови, вашиот ентузијазам, вашите повици – сите тие за Исус Христос – ќе бидат слушнати до крајот на земјата!“, рече папата Лав XIV.
„Овој ден го означува почетокот на неколку дена одење, Јубилејот на надежта. На светот му се потребни пораки на надеж. Вие сте таа порака и повикани сте да продолжите да ја носите надежта на сите“, нагласи Светиот Отец.
„Очекуваме сите вие секогаш да бидете знаци на надеж во светот“, продолжи тој. „Денес сме на почетокот. Во наредните денови ќе имате можност да бидете сила што ја носи Божјата благодат, порака на надеж, светлина во градот Рим, во Италија и во целиот свет. Да одиме заедно со нашата вера во Исус Христос. И нашиот повик мора да биде и повик за мир во светот. Да кажеме сите заедно: Сакаме мир во светот! Да молиме за мир.“
„Да се молиме за мир“, ги повика Папата младите, „и да бидеме сведоци на Христовиот мир, на помирувањето – оваа светлина на светот која сите ја посакуваме“.
По апостолскиот благослов, Светиот Отец им посака на младите ходочесници благословена седмица во Рим и ги покани повторно да се соберат на 2 и 3 август, на молитвеното бдение и светата Литургија по повод Јубилејот на млади: „Се гледаме во Тор Вергата“.
Архиепископ Физикела: Бидете сведоци на Воскреснатиот Христос
На светата Литургија која ја предводеше надбискупот Рино Физикела, пред пристигнувањето на Светиот Отец, италијанскиот прелат во својата проповед се осврна на евангелскиот текст на денот:
„Евангелистот ни сведочи многу јасно: ни кажува, пред сè, дека верата е средба – средба што не започнува од нас самите“.
„Никогаш не плашете се“, ги охрабри надбискупот Физикела, „да бидете сведоци за Воскреснатиот Христос, бидејќи тоа нè прави верници, христијани. Христос воскресна и ние Го видовме; веруваме во Него. А ова сведоштво се изразува и преку делување.“
На крајот од своето размислување, пропрефектот се повика на зборовите на Папата од претходната недела: „Да се сретнете со Христос – затоа ве очекувам. Да се сретнете со Христос и да бидете зајакнати од Него во верата и во верноста да Го следите со целосна посветеност“.
Ватикан њуз/к.мк