Папата Фрањо упати порака до младите од целиот свет по повод пет години од објавувањето на постсинодалниот поттик „Christus vivit“: Христос живее и ве сака бескрајно, падовите и грешките не се важни. Сведочете го тоа на вашите врсници. Папата, исто така, ги охрабри да дадат „креативен“ придонес во Синодата за Синодалност, со цел да истражат нови патишта.
Меѓународниот контекст е трагичен и, меѓу војните, атентатите и разни други страдања, остава малку изгледи за иднината. Сепак, Папата ги охрабрува младите, кои се градителите на таа иднина, да не ја губат храброста, а уште помалку надежта. Надежта содржана во навестувањето: „Христос живее!“, Christus vivit. Токму ова е насловот на постсинодалниот поттик кој папата Фрањо го објави во 2018 година по Синодата посветена на новите генерации, кој е објавен пред точно пет години.
Тоа е можност Папата повторно да се обрати до младите момчиња и девојки, охрабрувајќи ги да не дозволат да бидат совладани од страв и обесхрабрување, туку, напротив, да бидат движечка сила на светот.
Споделете ги со Христос радостите и страдањата
Во својата порака, Римскиот бискуп поаѓа од керигмата, навестувањето за спасението кое е основа на надежта за целото човештво: „Христос живее! На секој од вас посебно го велам ова: Христос живее и ве сака бескрајно. Неговата љубов кон вас не е условена од вашите неуспеси или грешки. Тој што го даде својот живот за тебе, не очекува од тебе совршенство за да те сака – рече Светиот Отец.
Сведочете за радоста на пријателството со Христа
Желбата на Папата е секој да го сфати ова навестување како живо и вистинито во својот живот и да почувствува потреба да ја сподели со своите пријатели. Затоа што имате важно послание: на сите да им ја посведочите радоста што се раѓа од пријателството со Христос.
Нека ве слушнат, викајте, не толку со гласот, туку со животот и срцето, за оваа вистина: Христос живее! Така што целата Црква ќе се охрабри повторно да се исправи, да започне одново и повторно да ја пренесе оваа вест во целиот свет.
Победа над смртта
Папата Фрањо во својата порака потоа потсетува дека на 14 април ќе се одбележи 40-годишнината од првиот голем собир на младите, во 1984 година, во контекст на Светата Година на Откупувањето. Тоа беше „никулецот“ на идните светски денови на млади, а на крајот на таа јубилејна година, Иван Павле II. им го предаде крстот на младите луѓе со задача да го носат низ светот како знак и да навестат на сите „дека само во Христа Кој умре и воскресна е спасение и откупението“.
Едноставен дрвен крст без Распнатиот, сака да не потсети дека ја славиме пред се победата на воскресението, победата на животот над смртта – истакна Папата. Размислувајте за Исус – им пишува папата Фрањо на младите – како жив и преплавен од радост, победник над смртта, пријател кој ве сака и сака да живее во вас.
Само така, во светлина на неговото присуство, сеќавањето на минатото ќе биде плодно и ќе имате храброст да ја живеете сегашноста и да се соочите со надеж за иднината. Ќе можете слободно да ја преземете историјата на вашите семејства, вашите баби и дедовци, вашите родители, верските традиции на вашите земји, за да бидете градителите на утрешниот ден, „творци“ на иднината.
Ватикан њуз/к.мк