Папата до младите: Кревајте врева цела ноќ

Папата Фрањо разговараше во директна видео врска со 90 илјади италијански млади учесници на Светскиот ден на млади (СДМ) во Краков, на „Празникот на Италијанците”, кој се одржа синоќа на плоштадот пред Светилиштето посветено на света Фаустина Ковалска. Папата Фрањо одговори на три прашања поставени од страна на младите, поврзани со стравот на населението во италијанската област Пулија по железничката несреќа на 12 јули, каде загинаа 23 лица и многу повредени; мобингот на една девојка која ја довела до работ на самоубиство и искажаната омраза при неодамнешниот напад во Минхен.

Ти си повредена од она што се случило, одговара папата на едно девојче кое се плаши да патува со воз по несреќата во Пулија. „Животот е исполнет со лузни од рани. Секој ден ќе ги чувствуваш последиците од раните, но треба да ги поднесуваме убавите и лошите работи во животот. Или ќе победиш или животот ќе те победи. Радоста лекува. Или сакаш да станеш невротична?”.

Едно 15 годишно девојче зборува за своето искуство да се самоубие, поради тоа што била исмејувана во училиште. Потоа сфаќа дека тоа не вреди. „Им простив на момчињата малку, но како да им простам сè?”, прашува девојката.

„Суровоста е заедничка и се однеува дури и на деца кои го повредуваат срцето – рече папата Фрањо. Тоа е во основата на сите војни. Не дозволува растењето на другиот, дури и кога се злослови против некого. Злословието е тероризам. Како да се фрли бомба. Toa треба да се победи. Како? Не е лесно да се прости. Не го познавав зборот „граѓанин надвор од европската заедница”. Тоа е суровост. Те одделуваат од заедницата. Треба да се бориме против тероризмот на јазикот. Може ли да се прости целосно? Тоа е благодат, која треба да ја измолиме од Господ. Потребно е и понизност: да молчиме и да се однесуваме добро со другите. Да молиме за благодат на понизност. Тоа е патот кон прошката “.

Како да го шириме мирот во овој свет исполнет со омраза?, прашува момче од Верона, кој останал блокиран во Минхен за време на нападот во трговскиот центар, кој се случи минатата недела.

„Ти кажа два клучни збора, мир и омраза – одговори Папата. Мирот гради мостови, а омразата гради ѕидови. Кога ќе ја стиснеш раката на еден пријател или на еден човек, градиш еден човечки мост. Но кога ќе удриш некого или ќе го натажиш, тогаш градиш ѕид. Омразата секогаш расте заедно со ѕидовите. Понекогаш ти се случува да подадеш рака на некого, а тој да не ја подаде својата. Тоа се навредите, кои треба да ги поднесуваме во животот, за да направиме нешто добро, но секогаш со мислата да градиме мостови “.

Веднаш потоа Папата се појави на прозорецот на архиепископијата, каде е сместен при неговиот престој во Краков (и каде живеел Карол Војтила како архиепископ на Краков од 1964 до 1978), за да ги поздрави мноштвото млади кои го очекуваа.

Папата потсети на волонтерот Мачеј Често, кој починал на почетокот од јули од рак. „Некој може да си помисли: Овој Папа ни ја расипа вечерта …”, рече папата Фрањо. „Но, тоа е и вистина, и ние треба да свикнеме на добрите и лошите нешта, животот е таков почитувани млади. Но има нешто во кое не треба да се сомневаме: верата на овој млад човек, овој наш пријател, вложи толку големи напори за овој СДМ и ги понесе во небото. Во овој момент тој е со Исус и гледа кон нас. Да се надеваме дека нашиот другар еден ден ќе го сретнеме”.

Пред да се повлече папата Фрањо им препорача на младите „да креваат врева цела ноќ”, за да ја покажат радоста на христијанинот.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот