Папата до литванските епископи: Заштитете го семејството од идеологии кои сакаат да го дестабилизираат
Соочување со секуларизацијата и релативизмот, грижа за свештенички звања и формација, спротивставување на идеологиите кои сакаат да го дестабилизираат семејството и грижата за сиромашните – се некои од точките во говорот на папата Фрањо кои ги прими литванските епископи на 2 февруари по повод нивната посета Ад Лимина. Литванија е единствена балтичка земја со мнозинство католици, речиси 80% декларирани католици.
Папата потсети на историјата на прогонот во Литванија за време на комунистичкиот тоталитаризам, заблагодарувајќи се на епископите за нивното сведочење на Исус и служење на Божјиот народ. Дојдовте во Рим со својата младост, но и со својот хероизам. Меѓу вас има неколку помлади браќа, но, пред сè тука се прелатите кои преживеале тажен период на прогонство – рече Папата, додавајќи:
Во текот на долгиот период на режими основани на идеологии спротивни на човечкото достоинство и слободата ја угнетуваа Црквата во вашата земја. Денес пак треба да се соочите со други опасности како што се секуларизацијата и релативизмот. Заради тоа со неуморно навестување на Евангелието и христијанските вредности не треба да заборавите на конструктивниот дијалог со сите и со оние кои не припаѓаат на Црквата или се далеку од верското искуство. Погрижете се христијанските заедници да бидат секогаш места на прифаќање и за отворена и конструктивна средба – рече папата Фрањо и ја истакна важноста на Црквата во културното и цивилното градење на литванското општество кое својата историска основа и идентитет ја пронаоѓа во силата на Евангелието и љубовта кон Пресветата Мајка Божја.
Папата понатаму потсети на важноста на молитвата за свештениците за да бидат великодушни, посветени и подготвени на жртва, но и за уверените лаици за да знаат да преземат одговорност во црковните заедници и да дадат христијански придонес за поширокото општество. Господ ќе ви ги даде ако молете за нив и знаете да ги охрабрите да бидат со силата на возрасна вера присутни во цивилното, културното, политичкото и општественото опкружување – рече Папата и додаде: Нека Црквата во Литванија никогаш не се измори да моли за свештенички и монашки звања. Поттикнувам на грижа за формацијата на свештениците, семинаристите и луѓето со посветен живот, со особено внимание на духовниот и моралниот живот како и на воспитанието за евангелско сиромаштво и управувањето на материјалните добра според начелата на социјалната наука на Црквата. Сакајте ги своите свештеници, бидете на располагање кога ве бараат и немојте секогаш да чекате тие да ве бараат; не оставајте ги сами во тешкотиите – поттикна Папата.
Осврнувајќи се на темата за семејствата, Светиот Отец ги охрабри литванските епископи на срцето да го имаат пасторалот со семејството за да ја почувствуваат сопружниците блискоста со христијанските заедници и таа да им помогне да не се сообразат со овој свет ,туку трајно да се обновуваат во духот на Евангелието. И Литванија е изложена на идеологиите кои на основа на погрешно разбирање на личната слобода сакаат да го дестабилизираат семејството – предупреди Папата.
На крајот Светиот Отец поттикна на грижа за сиромашните, оние во потреба, невработените, болните и напуштените, но и за младите – кои голем број ја напуштат Литванија – за да можат да ја зачуваат својата вера и верска традиција. Предавајќи ги епископите и нивната земја на застапништво на Блажена Дева Марија Папата на крајот им го подели својот апостолски благослов.
РВ/Д.И.