Папата Фрањо во четврток 14 ноември 2019 година во аудиенција ги прими професорите и студентите од Универзитетскиот институт на Движењето на фоколарите „Софија“. Мудрост, сојуз, излегување се три критериуми кои, според мислењето на Папата, треба да се следат како во братот би го препознале Божјото лице
Вашиот универзитет се вика “Софија“, затоа што неговата цел пред сѐ е да се соопшти и научи Мудроста, светолото на Божјото лице кое го осветлува лицето на човекот, како преку неа би ја поттикнале целата наука – рече Папата примајќи ги во аудиенција претставниците на Универзитетскиот институт „Софија“ од италијанскиот град Лопијано, кој во 2007 година го основа Кјара Лубик, основателка на Движењето на фоколарите.
Светиот Отец искажа задоволство за патот кој го помина институтот во дванаесет години од своето основање, и ја пофали неговата вдахновеност со харизмата за единство и почитување, со што се наследува она што Папата го предложи во Апостолската конституција за католичките универзитети и факултети „Veritatis gaudium“, објавена во 2018 година. Освен тоа истакна и за грижата на институтот за Глобалниот образовен сојуз и проектите поврзани со Латинска Америка.
Во таа прилика Папата истакна три поими: Мудрост, сојуз и излегување. Говорејќи за Мудроста, потсети дека таа за христијаните значи „распнатиот и воскреснатиот Исус“, чие светло ги осветлува сите луѓе, сите религии, сите култури, целото автентично ангажирање на човештвото. Заради таа причина сме повикани да чекориме заедно со сите како би изградиле вистинска и складна култура за средба – рече Папата и поттикна: Чекорете со сите, а не против сите, како што тоа некој го прават.
Вториот збор кој Папата го истакна е сојуз. Помеѓу Бог и луѓето, меѓу генерациите, помеѓу народите и културите, а во училиштата помеѓу учителот, учениците и родителите. Сојузот е камен темелник за создавање на историја – истакна Папата и потсети на сојузот помеѓу човекот, животните, билките, па и дури и неживите работи кои го прават нашиот заеднички дом поубав и разнобоен.
Сѐ е во однос со сѐ, сѐ е создадено за да биде жива икона на Бог, кој е Тројство на Љубов. Затоа денес е најважна задачата воспитувањето за живот според тој сојуз, и многу повеќе да се биде тој жив сојуз во сите негови димензии. Отворете ги патиштата за иднината на нова цивилизација, која во универзалното братство го прегрнува човештвото и светот – рече Папата.
Зборувајќи за третиот поим, папата Фрањо предупреди дека без излегување, всушност, ниту се сретнува Мудроста, ниту пак сојузот може да се шири кон сите. Откако ќе излеземе наидуваме на кокнкретното лице на браќата и сестрите, со нивните рани и копнежи, прашања и дарови. Мораме со своето срце, ум и раце да научиме да излеземе од живеалиштето, како што вели Посланието до Евреите (сп. Евреитеи 13,13) и токму таму надвор, во лицето на секој брат и секоја сестра, ќе го сретнеме лицето Божјо – рече на крајот Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк