Папата до екуменското движење: Можеме да придонесеме за раѓање на нов свет исполнет со мир
На првиот ден од екуменското глобално молитвено движење „Да дојде Царството Твое“, папата Лав XIV испрати видеопорака до учесниците, охрабрувајќи ги во нивната мисија да го споделуваат Евангелието, бидејќи тоа „не е нешто за кое можеме да молчиме“.
Пред екуменскиот молитвен настан „Да дојде Царството Твое“, папата Лав XIV испрати видеопорака до сите учесници, уверувајќи ги во својата духовна близина.
Настанот, кој се одржува од 14 до 24 мај, е молитвено движење што ги povikuva христијаните ширум светот заедно да се молат, од четвртокот на Вознесението до неделата на Педесетница, за повеќе луѓе да Го запознаат Исус.
„Да дојде Царството Твое“ започна во 2016 година и прерасна во движење во кое учествуваат повеќе од еден милион христијани во речиси 90 проценти од земјите во светот, опфаќајќи 85 различни деноминации и традиции.
Дојди, Емануеле
Во својата видеопорака, Папата размислува за традиционалниот израз од адвентскиот период: „Дојди, Емануеле“. Со овие зборови христијаните го повикуваат исполнувањето на пророштвото на Исаија, раѓањето на Емануел, што значи: Бог е со нас.
Во ова време на очекување, папата Лав истакнува дека нашите песни и молитви стануваат сè поусрдни: Бог да слезе меѓу нас, да нè спаси од гревот и од сè што може да нè повреди. Тој забележува дека Го повикуваме Бога да го исцели она што е скршено, и во нас лично и во светот.
„Иако знаеме дека Бог е семоќен и трансцендентен, сепак имаме храброст да Го замолиме навистина да биде со нас, близок до нас“, нагласува Светиот Отец.
Понекогаш, истакнува тој, забораваме колку ни е потребен Бог и дека само Тој може „да ги исполни нашите најдлабоки копнежи и нашиот внатрешен немир“. Во личноста на Исус Христос, Бог слезе за да биде блиску до нас во тело. Сега, „преку Неговиот Свет Дух, Тој е со нас“.
Не сме оставени сираци
Во овие 50 дена од Велигден, „Алилуја“ станува песна на овој период и начин да Му принесеме пофалба и благодарност на Бога за Исусовото Воскресение. „Тој и понатаму е Бог со нас“, нагласува папата Лав, истакнувајќи дека дури и Неговите најблиски пријатели не секогаш Го препознавале по Воскресението.
Иако Исус се врати кај Отецот небесен, „Тој не нè остави сираци“. Преку дарот на Светиот Дух, Тој останува присутен меѓу нас во Црквата. Христос, продолжува Светиот Отец, „е сè за нас. Во Него ја наоѓаме полнотата на животот и неговата смисла“.
Овој дар, нагласува тој, не можеме да го задржиме само за себе. Тоа е дар што треба храбро да го навестуваме.
„Да дојде Царството Твое“ нуди прекрасна можност да се сподели Радосната вест и да се молиме „и другите да дојдат до средба со спасоносната и ослободувачка Божја љубов, откриена во Исус“.
Излегување пред целиот свет
Папата Лав ја завршува својата видеопорака потсетувајќи на својата проповед од Велигденското бдение оваа година: „Средбата за која сакаме да сведочиме преку зборовите на верата и делата на милосрдието ја сведочиме така што со нашите животи ја ‘пееме’ ‘Алилуја’, која ја објавуваме со нашите усни“ (сп. свети Августин, Проповед 256, 1).
Како жените во Евангелието на Велигденската недела, Светиот Отец забележува дека и ние треба да имаме желба да „тргнеме“ и да го донесеме Евангелието до луѓето ширум светот.
„И ние можеме да дадеме живот на нов свет на мир и единство како ‘мноштво луѓе, а сепак една личност, зашто иако има многу христијани, Христос е еден’“ (свети Августин, Толкувања на Псалмите, 127,3).
На крајот, Папата моли за изобилни благослови од Бога врз сите учесници.
Ватикан њуз/к.мк

