Папата до Движењето Фоколари: Бидете знак на единство и бедем против оние што денес сеат омраза во светот
Папата Лав XIV во сабота, 21 март 2026 година, ги прими членовите на Движењето Фоколари (Делото на Марија), кои учествуваа на Геенралното собрание одржано минатата седмица во Меѓународниот центар во Рока ди Папа, во близина на Рим. На собранието Маргарет Карам беше повторно избрана за претседателка со втор мандат, а за нов потпретседател беше избран италијанско-аргентинскиот свештеник дон Роберто Еулоџио Алмада.
Во својот говор Светиот Отец им ја довери двојната мисија, насочена „кон надвор“ и „кон внатре“, секогаш со целта на единството. Тоа единство, рече тој, е „квасец“ за свет во кој отровот на поделбите и судирите настојува да ги разорува срцата и општествените односи, но и „бедем“ против бројните сејачи на омраза кои го влечат човештвото назад кон облици на варварство и насилство.
Духот на единството
Папата се потсети на сведоштвото на нивната основачка, Божјата слугинка Кјара Лубик, и на нејзината желба за единство, која го обликувала не само нејзиниот личен живот, туку и стилот на заедничкиот живот во Движењето. Тој дух, нагласи, најпрво се живее меѓу самите членови, а потоа се сведочи насекаде како нова можност за братски, помирен и радосен живот меѓу луѓе од различни возрасти, култури, јазици и верски уверувања.
Папата истакна дека ова „семе“ е едноставно, но силно: привлекува илјадници луѓе, поттикнува повици, дава енергија за евангелизација, но и за општествени, културни, уметнички и економски иницијативи, кои стануваат квасец на екуменскиот и меѓурелигискиот дијалог.
Против отровот на поделбите
Денес, рече Светиот Отец, сведоштвото за единство, дијалог, простување и мир е особено потребно, за да му се спротивстави на отровот што ги разјадува односите меѓу луѓето и заедниците. Папата се задржа на поимот мир и нагласи дека Бог, и преку Фоколарите, низ изминатите децении „подготвувал голем народ на мир“, повикан токму сега да биде противтежа и бедем пред оние што сеат омраза.
Да се одржи харизмата жива
Папата посочи и на предизвикот што обично ја следи „постосновачката фаза“ на црковните движења: како да се одржи харизмата жива. Тој нагласи дека оваа фаза не завршува со првата генерациска промена по смртта на основачката, туку продолжува. Затоа, повика на заедничко разликување: кои аспекти од заедничкиот живот и апостолат се суштински и мора да се зачуваат, а кои се средства и практики што, иако долго се користеле, не се неопходни за харизмата или покажале проблематични елементи, па треба да се напуштат.
Транспарентност и вклучување на сите
Оваа фаза, подвлече Папата, бара силна посветеност на одговорните лица, на сите нивоа, за транспарентност. Таа е, од една страна, услов за веродостојност, а од друга, должност, бидејќи харизмата е дар на Светиот Дух за кој сите членови носат одговорност. Затоа, секој има право и должност да се чувствува учесник во делото на кое му се придружил со целосна предаденост.
Папата истакна дека вклучувањето на членовите секогаш е „додадена вредност“: го поттикнува растот и на личноста и на Движењето, открива скриени ресурси, ги активира даровите на секого и ја развива одговорноста на сите.
Единство што не е униформност
Светиот Отец препорача да се продлабочи разликувањето и околу тоа како харизмата на единството да се пренесе во заеднички облици на живот што ја откриваат убавината на евангелската новост, а истовремено ја почитуваат слободата и совеста на секој човек, вреднувајќи ги даровите и единственоста на личноста. Единството, рече Папата, е и дар и задача, повик што го предизвикува секого. Затоа, потребни се братство, искреност, отвореност, а пред сè понизност, ослободеност од себеси и од сопственото гледиште.
Папата нагласи и една важна разлика: единството не смее да се сфати како униформност на мислења, ставови и начини на живот, бидејќи тоа може да доведе до обезвреднување на личните убедувања и да ја наруши слободата и слушањето на сопствената совест.
Благодарност за служењето
На крајот од аудиенцијата, папата Лав XIV упати благодарност до „семејството на Фоколарите“: на младите, на семејствата, на бискупите, свештениците и посветените лица, како и на многубројните фоколари и фоколаринки кои, често со херојска предаденост, во целиот свет продолжуваат да живеат живот на молитва, работа, дијалог и евангелизација, по примерот на апостолскиот живот на првите христијански генерации. Им заблагодари и за безбројните плодови на светост, познати и непознати, што обновата на животот според Евангелието, поттикната од Движењето, ѝ ги донела на Црквата низ годините.
Ватикан њуз/к.мк

