Папата до движењето Фоколари: Бидете миротворци во свет растргнат од конфликти

Папата до движењето Фоколари: Бидете миротворци во свет растргнат од конфликти

Папата Фрањо ги прими членовите на Движењето Фоколари во аудиенција по повод 80-годишнината од основањето на движењето. Ги охрабри да застанат во одбрана на мирот, потсетувајќи на вдахновението на основачката Кјара Лубик за време на Втората светска војна: „На светот сè уште му требаат градителите на братство. Војната не завршува, сите губат, корист имаат само производителите на оружје“. Покрај тоа, ги предупреди дека неусогласеноста помеѓу она што сме и она што го правиме е најлош контрасведок.

Сè започна за време на војната, кога на 7 декември 1943 година во Тренто, среде Втората светска војна и во предвечерието на празникот Безгрешно зачнување, Кјара Лубик го кажа своето „да“, целосно предавајќи му се на Господ. Сè уште трае војната, и напротив, бројни војни кои ја распарчуваат нашата планета, ја следат 80-годишнината од основањето на Движењето Фоколари. Затоа Папата, примајќи ги претседателката на движењето Маргарет Карам и потпретседателот Хесус Моран, и другите членови на Делото на Марија, на аудиенција во четврток 7 декември 2023 години, ги охрабри да бидат пред сѐ сведоци и градители на мирот.

Денес, за жал, светот сѐ уште е растргнат од бројни конфликти и сè уште му требаат творци на братство и мир меѓу луѓето и народите. Кјара зборуваше: „Да се биде љубов и да се шири е општата цел на Делото на Марија“; и знаеме дека само од љубовта се раѓа плодот на мирот.

Тргнувајќи се од претходно напишаниот подготвен говор, Папата истакна дека секоја година на Задушница посетува воени гробишта и посебно ја нагласи возраста на тие војници; сите се млади луѓе. Сите тие животи се прекинати… поради војната – рече Папата и додаде:

А војната не запира; а во војна сите губат. Сите. Само производителите на оружје добиваат. И ако само една година не се произведува оружје, нема да има глад во светот… Тоа е страшно. Мораме да размислиме за таа драма.

Копнеж за единство

По два милениуми христијанство, имено, копнежот за единство и понатаму, во многу делови од светот, добива облик на болен крик кој бара одговор – рече Папата и потсети на сведоштвото на Кјара Лубик, Божја слугинка, која го слушнала овој крик на човештвото за време на трагедијата на Втората светска војна, а потоа решила да го даде целиот свој живот за да ја исполни „Исусовата заповед“.

Тоа беше радикален чин на Кјара целосно да му се предаде и посвети на Бога, резултат на вдахновението добиено во многу обичен контекст на животот, додека пазаруваше за своето семејство. Од тоа „да“ произлезе бран на духовност што се прошири низ целиот свет, со цел да им каже на сите дека е убаво да се живее евангелието со само еден едноставен збор: единство. Меѓутоа, единството значи и хармонија: хармонично единство – додаде Папата.

Иницијативи, проекти, преобраќање, звања

Во тие осум децении, оваа порака одекна меѓу младите, заедниците, семејствата, посветените лица, свештениците, епископите, како и во различни општествени средини: училишта, економија, уметност, култура, информации, медиуми, а посебно во областа на екуменизмот и меѓурелигискиот дијалог.

Така, бевте активно орудие за големиот процут на Делото, иницијативи, проекти и пред сè „повторно родените“, преобраќањата, звањата, животи дарувани на Христа и браќата.

Заедничко учество во управувањето

Римскиот бискуп потоа се осврна на гледиштата важни за идниот од на Движењето Фоколари, покрај тоа што се ангажираат за мир, односно ги охрабри да живеат во динамична верност на харизмата и моментите на криза да ги прифаќаат како можности за созревање, доследност и реализам.

Пред сѐ, Папата го охрабри Движењето да работи во насока на сè поголемо остварување на сонот за целосно синодална и мисионерска Црква, почнувајќи од заедниците, поддржувајќи ги во нив стил на учество и соодговорност, дури и на ниво на управувањето. Со други зборови, ги поттикнува да шират атмосфера на меѓусебно слушање и семејна топлина, во која се почитуваме и се грижиме еден за друг, со посебно внимание на оние кои се послаби и имаат потреба од поголема поддршка. За таа цел е важно да се води посебна грижа за комуникацијата и искрениот дијалог – истакна Папата.

Недоследноста е најлошото контрасведоштво

Освен тоа, од фоколарините бара да бидат верни на харизмата, потоа да сеат единство донесувајќи го Евангелието и, пред сè, да бидат будни; да се чуваат од замките на духовната световност кои секогаш демнат.

Да запаметиме дека неусогласеноста помеѓу она што го кажуваме дека сме и она што навистина сме е најлошиот контрасведок – недоследноста. Ве молам бидете внимателни.

Решението – советува Папата – е секогаш да се враќате на Евангелието, коренот на нашата вера и вашата историја; Евангелието на смирението, несебичното служење, едноставноста.

Четири Божји „тајни“

Папата Фрањо на крајот се пошегува при што изнуди аплауз од присутните: Секогаш со задоволство се сеќавам дека сте многу блиску до тајната Божја, четирите Божји тајни. Постојат четири работи што Бог не може да ги разбере: Не знае колку монахињи има; второ, што мислат Исусовците; потоа колку пари имаат Салезијанците; и на што се смеат Фоколарите!

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот