Последниот ден од посетата на Папата на Бахреин недела 6 ноември 2022 година, започна со средба и молитвата Ангел Господов со оние кои го посветија својот живот на Господа. Светиот Отец ги поттикна да ги шират даровите на Светиот Дух, кој е извор на радост, единство и пророштво. Покрај тоа, поттикна на молитва за траен мир во Етиопија и за напатената Украина.
Во црквата Пресветото Срце во Манама, бискупи, свештеници, семинаристи и пасторални работници се собраа околу Папата, христијанска заедница со католички односно универзален дух, бидејќи се состои од луѓе кои доаѓаат од различни делови на светот и кои заедно исповедаат една вера во Христа. Сите тие припаѓаат на Апстолскиот викаријат на Северна Арабија, во која работат околу 60 свештеници и повеќе од 1.300 катехисти со околу два милиони католици кои живеат во Бахреин, Кувајт, Катар и Саудиска Арабија.
Мир за Етиопија и Украина
Од средбата со црковната заедница силно оддекнаа зборовите на мирот. Папата Фрањо конкретно спомна две земји:
Во последните месеци многу се молиме за мир. Во овој контекст надеж дава и договорот кој беше потпишан, а кој се однесува на ситуацијата во Етиопија. Ги охрабрувам сите да ја поддржат оваа заложба за траен мир, така што, со Божја помош, патот на дијалогот ќе продолжи и луѓето што поскоро ќе можат повторно да живеат достоинствен и мирен живот. Освен тоа, не сакам да заборавам да молам и да ви кажам и на вас да се молите за напатената Украина, да заврши таа војна.
Мигрантска црква во пустината
На средбата и молитвата Ангел Господов со оние кои го посветиле својот живот на Господа, најпрво поздравни зборови упати монсињор Пол Хиндер, апостолски управител на Викаријатот на Северна Арабија: Оние кои се во оваа црква во Манама, првата изградена на брегот на Персискиот Залив, се претставници на мигрантската црква. Тие го претставуваат – истакна монс. Хиндер – оние кои се занимаваат со пасторал на овие простори.
Надоврзувајќи се на сведоштвата на двајца пасторални работници – една верничка и една монахиња – папата Фрањо најпрво го спомна „малото стадо составено од мигранти“ кои се далеку од нивните земји на потекло. Гледајќи ги присутните на средбата верниците од Либан, тој посебно ги вети своите молитви и близина со таа – како што рече – сакана земја, толку уморна и искушувана, како и на сите народи на Блискиот Исток кои страдаат.
Убаво е да се припаѓа на Црква составена од различни животи и лица, кои пронаоѓаат склад во едното Исусово лице. Оваа разноликост – која ја видов деновиве – е огледало на оваа земја, на луѓето што ја населуваат, но и на пејзажот што ја карактеризира и во кој, иако доминира пустината, може да се пофали со богато и разновидно присуство на растенија и живи суштества.
Свежа вода на Духот
Поврзувајќи го Евангелието со нашето време, Папата истакна дека и во пустината, како и меѓу човечките слабости, извира вода способна да го обнови животот.
Зборовите на Исус што ги слушнавме зборуваат за жива вода што извира од Христа и од верниците (сп. Иван 7,37-39). Тие ме поттикнаа да размислувам за оваа земја: точно е, има многу пустини, но има и извори на свежа вода кои тивко течат под земја и ја натопуваат. Тоа е прекрасна слика за тоа што сте вие и пред сè за она што го прави верата во животот: нашата човечност излегува на површина, пресушена од толку многу слабости, стравови, предизвици со кои треба да се соочиме, лични и општествени зла од различни видови; но во длабочината на душата, токму внатре, во длабочината на срцето, свежата вода на Духот тече мирно и тивко, натопувајќи ги нашите пустини, враќајќи ја силата на она што може да пресуши, измивајќи го она што нè прави грди, гасејќи ја нашата жед за среќа. И секогаш го враќа животот. Токму за оваа жива вода зборува Исус, таа е изворот на новиот живот кој ни го ветува дарот на Светиот Дух, нежна и обновувачка Божја присутност полна со љубов кон нас.
Сè произлегува од благодатта
Водата на новиот живот извира во моментот кога Исус умира на крстот и од прободената страна на Христос. Тоа е вода, – објасни Папата – која има задача да го обнови целото човештво, да го ослободи од гревот и смртта.
Тука се раѓа Црквата, се раѓа од прободената страна на Христос, од бањата на новото раѓање во Светиот Дух (сп. Тит 3,5). Ние не сме христијани поради нашите заслуги или само затоа што се придржуваме до едно верување, туку затоа што во крштевањето како дар ја примивме живата вода на Духот, која нè прави сакани Божји деца и браќа меѓу себе, правејќи нè нови созданија. Сè доаѓа од благодатта, сè е благодат, сè доаѓа од Светиот Дух!
Духот е извор на радост
Папата Фрањо потоа зборуваше за три дарови што ни ги дава Светиот Дух и бара од нас да ги прифатиме и живееме: радост, единство, пророштво.
Пред сè, Духот е извор на радост. Слатката вода што Господ сака да тече низ пустините на нашето човештво, измешана со земја и кршливост, е гаранција дека никогаш нема да бидеме сами во нашето животно патување. Имено, Духот е Оној кој не нѐ остава на мир, тој е Утешител; нè утешува со своето дискретно и благотворно присуство, нè придружува со љубов, нè поддржува во борбите и тешкотиите, ги поттикнува нашите најубави соништа и најголеми желби, нè отвора за восхит и убавината на животот.
Папата посебно ги охрабри оние кои решија да му го посветат животот на Господа:
На вас, кои ја откривте оваа радост и ја живеете во заедница, сакам да ви кажам: Чувајте ја, и повеќе од тоа, умножете ја. Знаете ли која е најдобрата метода за тоа? Дарувањето. Да, тоа е точно: христијанската радост е заразна, бидејќи евангелието го поттикнува човекот да излезе од себе за да ја пренесе убавината на Божјата љубов. Затоа, од суштинско значење е радоста да не исчезне во христијанските заедници и да се споделува; да не се ограничуваме на повторување на гестови од навика, без ентузијазам, без креативност. Во спротивно, ќе ја изгубиме верата и ќе станеме здодевна заедница, а тоа е лошо! Важно е, покрај Литургијата, посебно славењето на Евхаристијата, која е извор и врв на христијанскиот живот, да направиме радоста на евангелието да циркулира во живо пасторално дејствување, посебно со младите, семејствата и звањата за свештеничкиот и монашки живот. Христијанската радост не може да се задржи за себе, а кога ќе дозволиме да циркулира, таа се умножува.
Духот е извор на единство
Второ, Светиот Дух е извор на единство – истакна Папата. Оние кои го прифаќаат ја добиваат љубовта на Отецот и стануваат негови деца.
Не може да има место за телесните дела, односно за егоизмот: за поделби, кавги, клевети, озборувања. Пазете се од озборувања, ве молам; озборувањата ја уништуваат заедницата. Поделбите на светот, како и етничките, културните и ритуалните разлики не можат да му наштетат или да го загрозат единството на Духот. Напротив, неговиот оган ги разгорува световните желби и ни го осветлува животот со топлата и сочувствителна љубов со која нè љуби Исус, за да можеме и ние да се сакаме на ист начин. Затоа, кога Духот на Воскреснатиот слегува врз учениците, тој станува извор на единство и братство против секој егоизам; воведува единствен јазик на љубовта, за различните човечки јазици да не останат далечни и неразбирливи; ги урива бариерите на недоверба и омраза, со цел да создаде простори на прифаќање и дијалог; ослободува од страв и влева храброст да се сретне со другите со разоружана и разоружувачката моќ на милосрдието.
Единството е и темел на братството. За да бидеме веродостојни во нашиот дијалог со другите – истакна римскиот бискуп – да го живееме братството меѓу себе. Тоа го правиме во заедниците, препознавајќи ја вредноста на харизмата на сите, без да се умртвува ниту еден од нив; тоа го правиме во монашките куќи, како живи знаци на хармонија и мир; тоа го правиме во семејства, за врската на љубовта на Светата Тајна да се преточи во секојдневно служење и простување; тоа го правиме во мултирелигиското и мултикултурно општество во кое живееме: секогаш подготвени за дијалог, ткајачи на заедништво со браќата од друга вера и вероисповед.
Духот е изворот на пророштвото
На крајот, папата Фрањо истакна дека Духот е извор на пророштво. Во историјата на спасението, како што знаеме, среќаваме бројни пророци кои Бог ги повикува, ги осветува и ги испраќа меѓу луѓето да зборуваат во негово име.
И ние го имаме тој пророчки повик: сите крстени го примиле Духот и сите се пророци. И како такви, не можеме да се преправаме дека не ги гледаме делата на злото, не смееме да останеме во „мирен живот“ за да не си ги извалкаме рацете. Христијанинот порано или подоцна мора да ги извалка рацете за да го живее својот христијански живот и да биде сведок на тоа. Напротив, го примивме Духот на пророштвото за да го изнесеме евангелието на виделина со нашето животно сведоштво.
Пророштвото нè прави способни – додаде Папата – да ги спроведеме во дело евангелските блаженства во секојдневните ситуации, односно со цврста кротост, да го изградиме тоа Божјо царство во кое љубовта, правдата и мирот се спротивставуваат на секој облик на егоизам, насилство и сиромаштво.
Последен јавен поздрав на Папата во Бахреин беше благодарноста. Со срце полно со благодарност ве благословувам сите вас, особено оние кои работеа за ова патување. И, бидејќи ова се моите последни јавни зборови, дозволете ми да му се заблагодарам на неговото височество кралот и на властите на оваа земја – исто така и на министерот за правда присутен овде – за прекрасното гостопримство – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк