Папата до Богопосветените лице: Секое монашко семејство се чува преку послушноста и мудроста

Послушност и мудрост; радост и креативност – се клучните зборови на Папата во проповедта на светата Литургија на 2 февруари која ја служеше во базиликата Свети Петар по повод празникот Сретение Господово и Денот на посветениот живот. Монасите и монахињите треба да ги водат другите кај Исус, но исто така и самите да дозволат Исус да ги води – порача Светиот Отец. Рацете на Блажена Дева Марија во кои Го носи Исуса се како скали по кои Божјиот Син слегнува кај нас – скали на Божјата добрина. Христос слегна стана човек како нас, за да се вознесе до Отецот заедно со нас и нè направи слични на себе – објасни Папата и продолжи:

Исус Го поминал истиот пат како и ние за да ни покаже нов пат кој што е Он самиот. За нас – луѓето со посветен живот – Тој е единствениот пат по кој треба да одиме. Меѓутоа, по тој пат се оди во послушноста. Исус не дојде за да ја врши Својата, туку волјата на Отецот. Затоа кој Го следи Исус оди по патот на послушноста; наследувајќи ја Господовата љубезност; понижувајќи се и извршувајќи ја волјата на Отецот, дури до самата смрт, и тоа смрт на крст – како што пишува свети Павле во Посланието до Филипјаните.

За да напредува монахот значи треба да се снижува во служењето односно да оди по истиот пат како Исус Кој како жртва не држел до својата еднаквост со Бог. Тој пат го зема обликот на правилата на редовите, под водството на каризмата на основачот имајќи секогаш на ум дека Евангелието е незаменливо правило за сите. Следејќи го тој закон посветените луѓе можат да постигнат мудрост која не е нешто апстрактно, туку е дело и дар на Светиот Дух. Очигледен знак на таа мудрост е радоста. Кога сме тажни добро би било да се прашаме како Го следиме Исус во Неговото таинство на kènoze (самооткажување).

Господ на старецот Симеон и на Ана им го дал дарот на мудост по патот на долго одење во послушноста на Законот – послушност која во едниот дел понизува и се откажува, но во дригиот дел пали и ја штити надежта; ги прави креативни бидејќи биле исполнети со Светиот Дух. Марија млада мајка и Симеон старец го носи Детето во раце, но, Детето Исус е Тоа Кое и двајцата ги води и Господ со помазанието на Светиот Дух ја претвора послушноста во мудрост – истакна Светиот Отец.

Господ може да даде мудрост и на некој кој е млад и неискусен само ако оди по патот на послушноста и покорноста на Духот – што не е никаков теоретски факт, туку подлежи на логиката на овоплотувањето на Словото: покорноста и послушноста на основачот, конкретно правило, поглаварот, Црквата. Се работи за конкретна покорност и послушност. Вистинската обнова („aggiornamento“) е дело на мудроста, исковано во покорноста и послушноста – рече папата Фрањо.

Обновата на посветениот живот се случува само преку големата љубов кон Правилото и способноста за слушање на постарите браќа и сестри. Така семето на каризмата на секое монашко семејство се чува преку послушноста и мудроста. На тој начин се чуваме од неверодостојно, неовоплотено и гностичко живеење на посветениот живот што би значело да се сведе на карикатура; наследување на Исус без одрекување, молитва без средба, братски живот без заедништво, послушност без верност и љубов без трансценденција – предупреди Светиот Отец.

И ние ќе можеме како Марија и Симеон да Го земеме Исус во раце – за да Го носиме на народот – само ако се дадеме да нè води Христовото таинство. Ќе ги водиме луѓето до Исус само ако ние му препуштиме на Исус да го води нашиот живот. Тоа е она што треба да бидеме: водени водачи – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот