Папата до бенедиктинците во Монтсерат: Ви благодарам за дарот на тишината

Папата до бенедиктинците во Монтсерат: Ви благодарам за дарот на тишината

Откако ја измоли Бројаницата и одржа обраќање во опатијата на Пресвета Богородица од Монтсерат, папата Лав XIV помина време со бенедиктинските монаси кои го водат манастирот.

По молитвата на Бројаницата и обраќањето во опатијата на Пресвета Богородица од Монтсерат, папата Лав XIV ѝ се придружи на бенедиктинската заедница на ручек во манастирската трпезарија, а потоа се сретна со монасите за размена на подароци.

„Папата се присети на времето кога бил парох во парохија посветена на Богородица од Монтсерат во Трухиљо, Перу, како и на своите претходни посети на опатијата со други августинци“, се наведува во соопштението од Канцеларијата за печат на Светиот Престол.

Во соопштението се додава дека Папата ја изразил својата благодарност за денешната средба и за сведоштвото на монасите, кои ја живеат својата побожност на Пресвета Богородица во заедница.

Дарот на тишината во свет полн со бучава

Во тој контекст, папата Лав XIV нагласил дека сведоштвото на монасите е особено драгоцено во овој историски момент, и за Црквата и за светот.

Тој им се заблагодарил „за дарот на тишината, во свет полн со бучава, активност и расеаност“.

„На светот му се потребни примери што нè повикуваат да доживееме моменти на тишина и да се молиме“, истакна Папата.

Во манастирот Монтсерат живеат околу 50 бенедиктински монаси. Во 2025 година, манастирот ја прослави 1000-годишнината од своето основање.

Папата ја довери својата служба на Богородица од Монтсерат

Во Книгата на посетители на манастирот на Пресвета Богородица од Монтсерат, Папата напиша:

„Ја положувам мојата Петрова служба пред нозете на Пресвета Богородица од Монтсерат, за нејзиното мајчинско застапништво да ја заштити целата Црква. Со моја наклонетост и благослов.“

На крајот, папата Лав XIV ја изрази својата благодарност за гостопримството со кое беше пречекан и им го додели својот благослов на присутните.

Папата Лав XIV престојува во Барселона во рамките на втората етапа од своето апостолско патување во Шпанија, кое трае од 6 до 12 јуни. Претходно го посети Мадрид, а во продолжение на патувањето ќе отпатува и на Канарските Острови.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот