Папата до азиските епископи: Црквата е секогаш подготвена за дијалог

Папата Фрањо ги повика Кина и Виетнам на отвореност во дипломатските односи со Светиот Престол. На средбата со азиските епископи на четвртиот ден од посетата на Јужна Кореја, во недела 17 август во светилиштето Хаеми, Папата изрази надеж дека и оние азиски земји кои до сега немат целосни дипломатски односи со Светиот Престол, нема да се двоумат да промовираат дијалог за доброто на сите. Притоа напомена дека не станува збор само за политички, туку и за човечки и братски дијалог.

Седумдесете азиски епископи собрани во Сојузот на азиските епископски конференции (FABC), Светиот Отец ги повика да бидат „креативни и разновидни“ со оглед на богатата разновидност на азиската култура и пред сѐ да искажуваат разбирање. Дијалогот мора да биде важен фактор во посланието на Црквата во Азија, а тоа бара отвореност кон сите. И душата и срцето мора да се отворат на поединците и културите, порача Папата.

Понатаму предупреди на опасноста од лажното светло на релативизмот кој го затемнува сјајот на вистината и води во живиот песок на конфузијата и очајот. Релативизмот се појавува секојдневно и практично и речиси незабележано го поткопува чувството за христијански идентитет. И христијанските заедници во меѓувреме заборавиле дека во светот на брзи промени постои нешто непроменливо, чии темели се наоѓаат во Христос Кој е ист вчера и денес и засекогаш ќе биде ист.

Папата се осврна и на опасноста од површност – склоност за занимавање со модерни баналности, наместо со она што има вистинска важност. Тоа може да претставува и сериозен пасторален проблем, особено за духовниците кои се изгубени во програмите и теориите на штета на директните, личните односи со верниците, особено со младите, кои имаат потреба од постојано духовно водство.

Светиот Отец ги повика епископите и да не се сокриваат зад лесните одговори, готовите формули, правила и прописи. Верата по својата природа не се занимава самата со себе, мора да излезе во светот, да бара разбирање, да сведочи и да раѓа звања, порача Папата.

Преседателот на Сојузот на азиските епископски конференции кардинал Освалд Грацијас во поздравот на средбата ја истакна централната важност на Азија за иднината на светот и Црквата. Тој континент е демографски млад, на него живеат 60% од светското население. Иако азиското население по природа е религиозно, во меѓувреме и тука се појавува секуларизам и материјализам кои ги јадат традиционалните семејни вредности и го шират индивидуализмот, рече индискиот кардинал.

Светата Столица моментално има целосни дипломатски односи со 180 земји, нема односи со држави како што се Кина, Виетнам и Северна Кореја, како и со некои претежно исламски земји како што се Саудиска Арабија и Авганистан.

Местото на средбата на Папата и азиските епископи е светилиштето Хаеми, тврдина изградена помеѓу 1417 и 1421 година и обновена 1973 година. Во периодот на прогонот на христијаните во 19 век дворецот е користен како затвор во кој се погубени повеќе од 3000 христијани.

По средбата Папата ручаше со азиските епископи.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот