Папата: Дијалогот и мирот трпеливо нека се негува во Иран и Сирија

Папата: Дијалогот и мирот трпеливо нека се негува во Иран и Сирија

По молитвата Ангел Господов, во недела 11 јануари 2025 година, папата Лав XIV ги насочи своите мисли кон Иран, местото на протести и насилна репресија, и кон Сирија, каде што продолжуваат судирите меѓу владините трупи и курдските милиции: „Стремете се кон општо добро на целото општество“. Потоа повика на мир за Украина, која е во темнина и студ поради тешките руски напади: „Стопирајте го насилството и интензивирајте ги напорите за мир“. Папата се помоли и за децата родени во тешки околности, како во однос на здравјето, така и во однос на надворешните опасности.

Папата Лав XIV од прозорецот на Апостолската палата изрази голема загриженост за Блискиот Исток, кој е погоден од конфликти и насилство. Во своето пладневно обраќање по молитвата Ангел Господов тој ги упати своите мисли на Иран и Сирија, каде што, како што рече, постојаните тензии предизвикуваат смрт на многу луѓе.

Иран е место на невиден бран протести што започна кон крајот на декември и трае веќе четиринаесет дена по ред, опфаќајќи речиси двесте градови во сите ирански провинции. Според податоците од невладините организации, околу 190 демонстранти се убиени поради силната репресија на режимот, а повеќе од 2.000 луѓе се уапсени. Во меѓувреме, во Сирија, во Алепо продолжуваат судирите меѓу владините сили и курдската милиција на Сириските демократски сили (SDF), што резултира со смртни случаи и повредени.

Папата Лав XIV повика на мир, примирје, дијалог и крај на насилството.

„Се надевам и се молам дека дијалогот и мирот ќе продолжат со трпение, стремејќи се за општо добро на целото општество.“

Мир во Украина

Римскиот бискуп, исто така, упати силен апел за Украина, каде што руските напади врз згради и инфраструктурата продолжуваат, оставајќи цели градови во темнина и студ. Според владата во Киев, само за една недела имало 1.100 беспилотни летала и 890 бомби. Папата Лав XIV ги осуди овие нови, особено сериозни напади кои – како што рече – силно го погодуваат цивилното население со доаѓањето на сè постуденото време. Затоа, тој го обнови својот апел за крај на овој ужас во таа земја.

Се молам за сите што страдаат и го повторувам мојот апел за прекин на насилството и за интензивирање на напорите за постигнување мир.

Благослов на крстени деца

На крајот од своето обраќање, Папата, на денешниот празник Крштение Господово, упати благослов до сите деца кои беа крстени утрово во Систинската капела, но и до оние кои ќе ја примат оваа тајна во овие денови „во Рим и низ целиот свет“.

Се молам особено за децата родени во тешки околности, како во однос на здравјето, така и во однос на надворешните опасности. Нека благодатта на Крштението, која ги обединува со Пасхалното Христово таинство, делува ефикасно во нив и во нивните семејства.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот