Папата: Денешните маченици се сведоци на простувањето и помирувањето

Папата: Денешните маченици се сведоци на простувањето и помирувањето

Љубов, навестување и простување – ова е заветот што ни го остави свети Стефан, првомаченикот на Црквата. Ова го рече папата Фрањо во своето пладневно обраќање на денешниот празник на свети првомаченик Стефан, во кое истакна дека простувањето е дар што им го даваме на другите затоа што сме Исусови, Тој ни прости. На крајот ја спомна драгата измачена Украина

Срце кое е способно да простува, молитва за оние кои нè повредиле и чекори за отворање кон помирување. Папата Фрањо во пладневното обраќање во понеделник 26 декември 2022 година, поттикна да ги побараме овие дарови од новородениот Исус, на денот кога во Црквата се одбележува мачеништвото на Свети Стефан. Мачениците, кои и денес страдаат, се сведоци на простувањето и Божјата љубов.

Зборот маченик значи сведок; мачениците се сведоци, односно браќа и сестри кои со својот живот ни го покажуваат Исус кој со милосрдие го победи злото. И во наше време мачениците се многубројни, дури и побројни отколку во првите христијански времиња. Денес да молиме за оние прогонети браќа и сестри маченици кои сведочат за Христа.

Божиќ не е бајка – истакна Папата, забележувајќи дека Литургијата од овие денови, потсетувајќи нè на светите маченици, нè одвлекува од светот на светлината, чествувањето и подароците, во кои би можеле малку да се опуштиме. Божиќ е, имено, доаѓањето на Спасителот кој нè ослободува од злото земајќи го на себе нашето зло: себичноста, гревот, смртта, а мачениците се најслични на Исус, кој ни го покажуваат [Исус] со својот живот.

Свети Стефан, сведок на милосрдието

Осврнувајќи се на ликот на свети Стефан, првомаченик, Папата потсети дека тој во Делата на светите апостоли е опишан како еден од седумте ѓакони посветени во служба на милосрдието.

Тоа значи дека неговото прво сведоштво не го дал со зборови, туку со љубовта со која им служел на оние во најголема потреба.

Но, додаде папата Фрањо, им зборувал за Исус на оние што ги сретнувал. Ова е уште една димензија на неговото сведочење; тоа беше показател за тоа како средбата со Господ го менува животот. На Стефан тоа му беше многу важно што не дозволи да биде заплашен, ниту од заканите на неговите прогонувачи, дури и кога согледа дека работите одат лошо за него.

Милосрдие и навестување, тоа беше Стефан. Меѓутоа, неговото најголемо сведоштво е нешто друго: знаел да ги спои милосрдието и навестувањето. Тој ни го остави тоа сведоштво во моментот на неговата смрт, кога, по примерот на Исус, им прости на своите убијци.

Простување

Токму во оваа трета димензија другите две – милосрдието и навестувањето – добиваат ново и поинакво значење. Треба да погледнеме наназад на простувањето на Стефан за да сфатиме дали навистина практикуваме милосрдие и дали го живееме Божјото Слово. Простувањето е поголем дар; дар што им го даваме на другите затоа што сме Исусови, Тој ни прости – рече Папата и ги охрабри верниците да ги искористат овие денови во кои можеби ќе сретнат луѓе кои ги повредиле и да размислат за сопствената способност за простување.

Да молиме од новородениот Исус новост, нешто ново, односно ново срце кое е способно да простува; на сите ни треба срце што простува. Да го молиме Господ за оваа благодат: Господи, дај да научам да простувам. Сила да се молам за оние кои нѐ повредија, да молам за луѓето кои ме повредија и да направиме чекори кон отвореност и помирување. Господ нека ни ја даде таа благодат денес.

По молитвата Ангел Господов, Папата ги поздрави присутните верници на плоштадот Свети Петар и оние кои се поврзани од дома преку интернет, повторно посакувајќи мир во семејствата и заедниците, како и за народите измачени од војните, но пред сè – како што тој рече – за милата и напатена Украина. Да молиме за мир за тој маченички народ – повика на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот