Папата: Да се снижуваме како Исус

За да се напредува на христијанскиот пат потребно е да се понизиш како што Исус направи на крстот – рече Папата на светата Литургија на 14 септември во домот Света Марта, на која учествуваа и членовите на т.н. совет на кардинали C9 кои од денес до 16 септември имаат средба со Светиот Отец.

На празникот Воздвижение на светиот Крст, Папата предупреди на делувањето на ѓаволот кој сака да нè заведе и потоа да нè упропасти.

Зборувајќи за денешните литургиски читања, Папата рече дека во нивниот центар се наоѓа змијата. Потсети дека Книгата Битие ја опишува змијата како најлукава меѓу созданијата. Таа е заводник и има моќ да фасцинира – рече, додавајќи дека таа според Библијата е лажливец и заводник, бидејќи преку зависта на ѓавол – змија – гревот влегол во светот. А нејзиното заведување нè упропастува.

Ѓаволот ветува мноштво работи, но кога ќе дојде време за наплата, враќа зло. Има моќ на заведување, на фасцинирање. Павле се лути на христијаните во Галиција и вели: О, безумни Галатјани кој ве маѓепска? Вие кои сте повикани на слобода, кој ве маѓепса? Нив ги расипала змијата. Тоа не е нешто ново за тоа бил свесен и израелскиот народ – рече папата Фрањо.

Светиот Отец потоа се концентрира на Господовата заповед на Мојсеј да направи бакарна змија. Погледот на неа ги спасувал. Таа е лик, но и пророштво, ветување кое не е лесно да се сфати. Затоа самиот Исус на Никодим му објаснува: Како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината така треба да се подигне Синот Човечки за секој кој верува во Него да има живот вечен. Таа бакарна змија затоа била пралик на Исус подигнат на крстот.

Но зошто Господ го избрал тој грд и зол лик – праша Папата и одговори: Затоа што дошол на Себе да ги земе сите наши гревови и така станал „најголем грешник“, а лично не направил ниту еден грев. Павле ни говори: „Сам Себе се понизи.“ Се понизи за да нè спаси – тоа е значањето на денешните литургиски зборови – рече папата Фрањо. Бог стана човек и го носеше гревот. Како што Павле зборува во Посланието до Филипјаните: „Кој иако беше во обличје Божјо, сепак не држеше многу до тоа што е еднаков со Бога; Сам Себе се понизи откако зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето; и по вид се покажа како човек; Сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст.“

Исус според зборовите на Папата се понизи сам Себе и се направи грев – Он кој грев не познава. Тоа е таинство. Можеме да кажеме дека се направил како змијата. Исус е на крстот – спротивно на некои убави слики – бил лишен од сè, крвав од нашите гревови. Тој е патот по кој Он појде за да ја победи змијата на нејзиното подрачје. Треба да се гледа Исусовиот крст – но не уметнички, убаво насликани крстови – туку да се гледа реалноста, што крстот бил во тоа време.

Треба да се гледа патот по кој појде Бог, поништувајќи се Сам Себе, снижувајќи се за да нè спаси. Тоа исто така е патот на христијаните. Ако се сака да се напредува на патот на христијанскиот живот, тогаш треба да се снижуваме како Исус – рече на крајот Папата, молејќи до Богородица за милост на „солзи на љубовта и благодарноста што Бог толку нè љубеше што го испрати својот Син да се понижи и поништи за да нè спаси.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот