Папата: Да се развие кај верниците лаици поголемо чувство на одговорност за животот и иднината на Црквата

Папата: Да се развие кај верниците лаици поголемо чувство на одговорност за животот и иднината на Црквата

Примајќи ги членовите на Конгрегацијата на маријанхилските мисионери, по повод нивното Генерално собрание, Папата ги поттикна да негуваат постојано пасторално преобраќање што доаѓа до израз во секоја активност; од свештеничкото и духовното формирање на верниците, до планирањето на апостолски проекти.

Синодалност и соодговорност на лаиците – истакна папата Фрањо при обраќањето до маријанхилските мисионери, примајќи ги во аудиенција во четврток 20 октомври 2022 година, по повод нивното Генерално собрание, кое се одржува по повод прославата на првите сто години од конгрегацијата основана во Јужна Африка по вдахновение на австрискиот трапист мисионер Франц Фанер.

Животот и иднината на Црквата

Осврнувајќи се во својот говор на темата на собранието: „Солидарност: повикани да имаме само еден дух и една цел“, Папата истакна дека тоа е особено актуелно во светлината на поширокиот синодален пат, кој општата Црква го започна во изминатите месеци, подготвувајќи се за Епископската синод следната година. Тоа е црковно патување, кое сака да го поттикне заедништвото, учеството и мисионерското вклучување на сите крстени, преку процес на духовно расудување фокусирано на средба, слушање и размислување, со цел да се постигне поголема отвореност кон новоста на Духот и неговите предлози. Суштински елемент на синодалниот процес е развивање на поголемо чувство за соодговорност кај верниците лаици за животот и иднината на Црквата – истакна Светиот Отец.

Пасторално преобраќање

Во оваа смисла, маријанхилските мисионери можат да бидат пример. Историјата на вашата конгрегација покажува – истакна римскиот бискуп – дека од самиот почеток, проповедањето на евангелието било придружено со напор да се поттикнат автохтоните звања, со цел да се промовира интегрален човечки развој во локалните заедници и да се развие дух на заедничка одговорност за општото добро.

Додека опстојувате во вашите напори да го реализирате ова единство и солидарност во службата на евангелието, ве охрабрувам да негувате постојано пасторално преобраќање, кое може да се изрази во секоја димензија на животот и активностите на вашата конгрегација, од свештенички и духовни формирање на мирјаните до конкретно планирање на апостолски проекти – истакна Папата.

Гласот на Духот

Ако синодалноста на која е повикана Црквата во ова време подразбира заедничко одење и заедничко слушање, сигурно првиот глас што треба да го слушаме – според зборовите на Папата – треба да биде гласот на Светиот Дух. Папата Фрањо го објасни ова слушање со метафора.

Недалеку од нас е голем обелиск на плоштадот Свети Петар. Сите го знаете впечатокот кој го има опатот Фанер од приказната за подигнувањето на тој голем монолит. И покрај огромните човечки напори, обелискот можеше да се спаси од паѓање во последен момент само со истурање вода на јажињата. Денес, како и секогаш, водата на Светиот Дух е потребна, не само за да се унапреди работата на нашите раце, туку пред се да се омекне тврдото тло на нашите срца.

Затоа, без тврдо срце, без затворено срце – ги советуваше мисионерите папата Фрањо, ветувајќи ги неговите молитви и посакувајќи нивното собрание да донесе обилни духовни плодови.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот