Папата: Да одвоиме време за љубов кон оние кои страдаат поради војни, насилство, сиромаштија

Папата: Да одвоиме време за љубов кон оние кои страдаат поради војни, насилство, сиромаштија

Примајќи ги членовите на здружението „Pro Petri Sede“ во аудиенција, папата Фрањо ги охрабри сите да го остварат повикот да се прави добро на сите, одвојувајќи време за љубов кон беспомошните, напуштените, оние кои се дискриминирани и маргинализирани.

Во денешниот свет, кој е ранет од многу зло, постои итен повик да се даруваме самите себе од љубов кон браќата и сестрите; многу, премногу од нив, страдаат поради војна, насилство, исклученост, како и материјална и духовна сиромаштија. На денот кога се одбележува првата годишнина од руската инвазија на Украина, папата Фрањо уште еднаш ја поттикна Црквата и светот на универзално братство, способно да се спротивстави на омразата, конфликтот и дискриминацијата.

Мисионерски занес

Ова го истакна за време на неговото обраќање во петок 24 февруари 2023 година до членовите на Здружението Pro Petri Sede, основано на крајот на 19 век, кое се ангажира во солидарни и каритативни дела, спротивставувајќи се на рамнодушноста и индивидуализмот и пред сè, во корист на целосниот човечки развој на секој човек. Членовите на здружението во моментов се во Рим на традиционално ходочастие на гробот на Свети Петар.

Апостолското сведоштво, толку човечко, толку полно со Божја благодат, нека ја разбуди во вас великодушната и мисионерска ревност на првата Црква.

Значајно е – истакна Папата – што овa ходочастие се совпаѓа со почетокот на Великиот пост, поволно време кое нè поттикнува да се преобратиме за да преминеме од ропството на себичноста кон слободата на љубовта и служењето на Бога и на нашите браќа и сестри.

Да се сузбие сиромаштвото

Читајќи ги Делата на светите Апостоли – забележа Римскиот епископ – гледаме како во Црква, која се раѓала, меѓу христијаните се манифестирала великодушноста, а во голема солидарност кон заедницата. Сите свои добра ги ставија на едно место за да ги поддржат најслабите браќа и сестри. Тие сфатија дека се привремени управители на нивниот имот; навистина, се што поседуваме е дар од Бога, затоа треба да му дозволиме да нѐ просветли во управувањето со примените добра – нагласи Папата.

Неговиот дух, изворот на великодушноста, секогаш ќе нè поттикнува да даваме на сиромашните, да се бориме против сиромаштијата со она што Тој ни го дава. Затоа што Господ ни дава изобилно, за да можеме да се даруваме себе си.

Да правиме добро на сите

И денес, како и тогаш, одекнува поттикот да се прави добро на сите, одвојувајќи време да ги сакаме најмалите и најранливите, напуштените и презираните, оние кои се дискриминирани и маргинализирани – истакна Папата и им се заблагодари на членовите на Здружениетп Pro Petri Sede за нивната поддршка, и духовна и материјална, во корсти на неговата служба како Петров наследник и на Светиот Престол. Ходочастието е исто така време кога ги носите вашите дарежливи прилози за поддршка на пасторалната грижа на Папата и каритативните дела на Светиот Престол во светот. И денес сте сведоци на великодушноста и милосрдието што ги трогна срцата на вашите претходници кои не се плашеа да го потрошат животот со љубов кон Црквата – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот