Во пораката за Светскиот ден на социјални комуникации папата Фрањо поттикнува на исправна употреба на мрежите и предупредува на опасноста на која се изложени најслабите лица и новите генерации. Поради тоа во Ватикан ќе се формира Меѓународна канцеларија за надзор на сајбер булинг
Откако интернетот стана достапен, Црквата секогаш настојувала да ја промовира неговата употреба заради средба на луѓето и солидарноста со сите. Но, мрежата за која зборува Папата е мрежа која ослободува, а не заробува. И посебно, ги штити најмладите. Во пораката за Светскиот ден на социјалните комуникации, која е објавена на 24 јануари 2019 година, папата Фрањо повторно повикува на размислување за основата и важноста да се „биде во однос“, како и на откривање, во разноликоста на предизвиците на сегашниот контекст во комуникациите, желбата на човекот, кој не сака да остане во својата осаменост.
Тема на пораката
Тема на пораката гласи: Членови сме еден на друг. Од заедница на интернет до човечка заедница“. Во пораката се размислува и во најдлабоки значења се открива она што Папата го најави во неделате на пладневниот говор, каде истакна дека интернетот и социјалните мрежи се богатство на нашето време; можност да бидеме во контакт со другите, да ги споделиме со нив вредностите и плановите како би искажале желба да бидеме заедница.
Мрежата е богатство, но треба да се внимава на опасностите
Мрежата е извор на знаење и односи кои некогаш беа незамисливи и претставуваат извонредна можност за пристап до знаењето. Но исто така е вистина и се покажа дека е едно од местата кое е најмногу изложено на дезинформации со свесно и смислено искривување на фактите и меѓучовечките односи, што понекогаш добива облик на дискредитација.
Треба да признаеме дека социјалните мрежи од една страна служат подобро да се поврземе, да одржуваме контакти и да си помагаме едни на други, но од друга страна пак служат и за манипулативна употреба на личните податоци, со цел постигнување политички или економски предности, без потребното почитување на личноста и неговите права – истакнува Папата.
Што се однесува за почитување и заштита на најслабите, Светиот Отец посебно се осврна на младите. Меѓу најмладите, статистиката покажува дека секој четврт малолетник е жртва на злоставување преку интернет или мобилен телефон (сајбер булинг). Како би се запреле таа појава – стои во пораката – ќе се формира Меѓународна канцеларија за надзор од сајбер булинг со седиште во Ватикан.
Заедницата на социјалните мрежи не е синоним за заедница
Потоа папата Фрањо потсети дека во денешни услови, заедницата на социјалните мрежи (social network community) не е автоматски синоним за вистинска заедница и додаде дека во најдобар случај заедницата на интернет можат да дадат докази за повразаност и солидарност, но често тоа се само групи на поединци, кои се собираат околу некој интерес или аргумент, но нивната поврзаност е слаба. Освен тоа – додава Папата – на социјалните мрежи идентитетот пречесто се темели на спротивставување во однос на другиот, на оној кој е надвор од групата, односно поединците се одредуваат поаѓајќи од она што ги раздвојува, а не од она што ги соединува, и на тој начин се дава простор за сомнеж и изразување на сите видови предрасуди (етнички, сексуални, верски и други).
Опасна појава на млади социјални пустиници
Забележувајќи дека мрежата е можност за промовирање на средба со другите, Папата предупреди дека може да ја зголеми и нашата самоизолација, како пајажина, која е во состојба да нѐ фати во замка. При тоа повторно го упати вниманието на младите генерации. Младите најмногу се изложени на илузијата дека социјалните мрежи може потполно да ги задоволат на подрачјето на односите, сѐ до опасната појава на млади социјални пустиници, кои би можеле потполно да се отуѓат од општеството – предупредува Светиот Отец.
Вистината се открива во заедница
Централна точка во пораката на Папата е делот од Посланието на свети апостол Павле до Ефесјаните, затоа што од неа произлегува темата на пораката, а во која свети Павле вели: Поради тоа, откако ја отфрливте лагата, кажувајте си ја вистината секој на својот ближен, бидејќи сме членови еден на друг. Тоа е најдлабоката причина поради која сме должни да ја чуваме вистината која произлегува од потребата да не ги оспоруваме взаемните односи во заедницата. Вистината, имено, се покажува во заедништвото, додека лагата егоистички одбива да ја признае припадноста кон телото; лагата значи да се одбие да се даруваме на другите, губејќи го на тој начин единствениот пат за да се пронајдеме себе си.
Мрежа која не заробува, туку ослободува
Документот завршува со повик за одговорност и правилно користење на мрежата. Употребата на социјалните мрежи ја надополнува личната средба, кој живее преку телото, срцето, очите, погледот и дишењето на другата личност. Тоа е мрежата која ја сакаме. Мрежа која не е направена како би фаќала во замка, туку за да ослободи, да ја чува заедницата на слободни лица. Самата Црква е мрежа исткаена од евхаристиско заедништво, во кое единството не се темели на „лајкови“, туку на вистината, на „амин“, при што секој се определува за Христовото Тело, прифаќајќи ги другите – истакнува Папата во пораката.
Ватикан њуз/к.мк