Централна тема на говорот на папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов на 11 август 2019 година беше будноста. Да се биде буден значи да се биде на пат, постојано во однос со Господ. Светилките на верата се за наше добро и за доброто на браќата. Потребно е на земјата да се развиваат талентите и да се копнее за небесната радост.
Половината нека ви биде стегната и светилките запалени – истакна папата Фрањо пред молитвата Ангел Господ на плоштадот Свети Петар во Ватикан, коментирајќи го евангелието од неделната Литургија, во која Исус ги повикува своите ученици на будност како би го забележиле Божјото минување во своите животи (сп. Лука 12,32-48). Исус укажува на начините како треба да се живее таа будност: „Нека половината ви биде стегната и светилките запалени – цитираше Папата и нагласи: Пред сѐ „стегната половина“ е слика која потсетува на однесувањето на поклоникот кој е подготвен за пат. Станува збор за тоа да не се вкорениме во пријатни и сигурни престојувалишта, туку во едноставноста и довербата да се препуштаме на Божјата волја која нѐ води кон целата.
Имено кој има доверба во Бог, добро знае дека животот со вера не е нешто статично, туку динамично – рече Светиот Отец и додаде: Тоа е постојано патување, секогаш движење кон нови етапи на кои Господ ни се покажува од ден во ден. Потоа од нас се бара да имаме „запалени светилки“ како би можеле да ја осветлиме темната ноќ. Повикани сме да живееме вистинска и зрела вера, способна да осветли многу “ноќи’ од животот. Светилката на вера бара постојано да ја полниме преку средбата на срцето со Исусовото срце, со молитва и слушање на Неговото слово.
Таа светилка ни е доверена за добро на сите – рече Папата и продолжи: Затоа никој не може да се повлече во својата внатрешност, имајќи сигурност во сопственото спасение, не интересирајќи го за другиот. Вистинската вера го отвора срцето за ближниот и поттикнува конкретно заедништво со браќата, посебно со оние кои се во потреба. Исус потоа проповеда преку параболата за слугите кои го чекаат господарот да се врати од свдабата, покажувајќи со тоа уште една димензија на будноста: да се биде подготвен за последната и конечна средба со Господ.
Блазе на оние слуги, што ќе ги затече господарот будни, кога ќе си дојде! А ако дојде и на втора стража, и на трета дојде ли, и ги затече така, блазе на тие слуги!- цитиаше папата Фрањо од Евангелието и објасни: Со тие зборови Исус нѐ потсетува дека животот е чекорење кон вечноста. Значи повикани сме да ги развиваме своите таланти и никогаш да не заборавиме дека „тука немаме постојан град, туку го бараме оној, што ќе дојде. (Евреите 13,14). Во таа перспектива секој момент станува скапоцен и заради него треба да се живее и делува на оваа земја, имајќи во срцето копнеж за небото.
Навистина не можеме да разбереме во што се состои таа најголема радост, сепак Исус ни дава да ја претпоставиме со помош на параболата за господарот кој по враќањето, наоѓајќи ги слугите будни, „ќе се опаше и ќе им рече да седнат, па ќе пристапи и ќе им служи“. Така се покажува вечната небесна радост; ситуацијата се преобраќа, нема повеќе да му служиме на Бог, туку Бог ќе ни служи нам. Мислата за конечната средба со Отецот, богат со милосрдие, нѐ исполнува со надеж и нѐ поттикнува на постојана ангажираност за своето посветување и изградба на поправеден и побратски свет. Нека блажена Дева Марија со својот мајчински плашт го подржи тоа наше настојување – рече на крајот Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк